Свет
(Видео) Торнада и бури ги погодија САД: затворени училишта, превртени автомобили…
Силни бури и торнада ги опустошија југот и средниот запад на САД, при што загинаа најмалку седум лица. Беа урнати далноводи и дрвја, уништени се домови и превртени се автомобили во неколку сојузни држави, пишува „Гардијан“.
Невремето, придружено со серија торнада, предизвика најмалку седум смртни случаи во Тенеси и во Мисури, а се очекува бројот на жртвите да расте. Една од идентификуваните жртви е 68-годишниот Гери Мур, началник на пожарникарите од округот Кејп Жирардо, Мисури. Заедно со загинатите, повредени се најмалку дванаесет лица.
Белата куќа го одобри барањето на Тенеси за прогласување вонредна состојба бидејќи зголемените поплави му се закануваат и на главниот град Нешвил. Индијана исто така прогласи вонредна состојба. Властите активираа 50 припадници на Националната гарда поради моќното невреме што погоди 41 округ во државата.
„Во вакви моменти јас сум им неверојатно благодарен на војниците што се на терен и ги чуваат граѓаните на Индијана безбедни“, рече гувернерот Мајк Браун. Бурата се движи кон исток откога остави повеќе од 213.000 дома без струја – од Тексас до Охајо.
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за висок ризик од пороен дожд за делови од Арканзас, Тенеси и Кентаки, каде што се очекуваат големи поплави во следните два дена. Десетици предупредувања за торнадо и предупредувања за силни грмотевици беа издадени во Арканзас, Илиноис, Индијана, Мисури и во Мисисипи прексиноќа. „Ова е животозагрозувачка ситуација, веднаш побарајте засолниште“, се предупредени граѓаните.
Во Мисури, според полициските соопштенија, загинало најмалку едно лице, а извештаи за голема материјална штета доаѓаат од неколку држави. Во Лејк Сити, Арканзас, куќи се срамнети со земјата, откорнати се дрвја и превртени се автомобили.
Во делови на Тенеси на жителите им беше наредено да не ги користат патиштата поради големи количества отпад. Неколку училишни области ги затворија училиштата или најавија премин на онлајн-настава поради очекуваното невреме, јавува „Ведр ченл“.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, вчера ги обиколи погодените области и рече дека е премногу рано да се даде конечна бројка на загинати бидејќи потрагата сè уште е во тек. Ретко предупредување за торнадо беше издадено прексиноќа во областа околу Блитвил, Арканзас, кога беше откриено дека торнадото исфрлило остатоци до височина до 7.600 метри.
„Можам да кажам дека ситуацијата во тие области, особено наутро кога ќе се раздени, ќе биде навистина страшна“, рече метеорологот на Националната метеоролошка служба, Чели Амин, за „Асошиетед прес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

