Свет
(Видео) Трамп: Целосно ги уништивме иранските комплекси, или ќе има мир, или нови напади
Американскиот претседател Доналд Трамп, во директното обраќање до нацијата, потврди дека американските сили извршиле напади врз три ирански нуклеарни постројки.
„Сите ги слушаа тие имиња со години додека ја градеа таа страшна и разорна нуклеарна програма. Нашата цел беше да го уништиме иранскиот објект за збогатување ураниум“, рече Трамп.
Тој додаде дека нападите биле спектакуларен воен успех и дека клучните капацитети за збогатување ураниум биле целосно уништени.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран мора да се согласи на мир сега, што претходно го кажа во објава на неговата социјална мрежа „Тру соушал“.
„Иран, насилникот на Блискиот Исток, мора да се согласи на мир сега. Ако не го стори тоа, идните напади ќе бидат многу помоќни и многу полесни за извршување“, рече Трамп во обраќањето до јавноста.
Тој додаде: „Или ќе има мир, или Иран ќе доживее трагедија многу поголема од онаа на која бевме сведоци во последните осум дена. Запомнете, остануваат уште многу голови“.
Трамп и се заблагодари на израелската армија и ги пофали американските пилоти: „Светот со децении нема видено ваква операција“
Американскиот претседател рече дека САД и Израел работеле како тим. Тој ѝ се заблагодари на израелската армија за, како што рече, „одлична работа“, а посебно ги пофали американските пилоти и војници кои учествуваа во нападот на иранските нуклеарни постројки.
„Сакам да и’ се заблагодарам на израелската војска за прекрасната работа што ја направија, и уште поважно, сакам да им честитам на големите американски патриоти кои ги пилотираа тие прекрасни машини вечерва, како и на целата американска војска за операцијата каква што светот не видел многу, многу децении“, рече Трамп во обраќањето до нацијата.
Тој додаде дека ниту една армија во светот не можела да го направи тоа што го направија САД таа вечер и го пофали врвот на американската команда.
„Исто така, сакам да му честитам на претседателот на Здружениот Генералштаб, генерал Ден „Разин“ Кејн, спектакуларен командант и на сите брилијантни воени умови вклучени во овој напад“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

