Свет
(Видео) Уапсен Русин за велепредавство

Руски државјанин е приведен на островот Сахалин под сомнение за велепредавство, соопшти граничниот оддел на Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ).
Како што се наведува во соопштението, уапсениот имал намера да отпатува на територијата на Украина и да ѝ се приклучи на една од воените формации за да учествува во борбени операции против вооружените сили на Русија.
Во соопштението се наведува дека тој планирал да замине во Украина преку територија на трета земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД сакаат повластен пристап до украинските минерали, но не нудат безбедносни гаранции

Високи американски и украински претставници се состанаа вчера за да разговараат за новиот предлог од Вашингтон кој на САД ќе им обезбеди повластен пристап до природните ресурси на Украина, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извор запознаен со преговорите.
Според тој извор, новата верзија на американскиот предлог е поширока од претходната и предвидува дека сите приходи од експлоатација на украинските суровини, без разлика дали се државни или приватни, ќе се инвестираат во заеднички инвестициски фонд.
Иако станува збор за договор што потенцијално ќе и овозможи на Украина да направи значителни инвестиции, предлогот не вклучува никакви безбедносни гаранции за Киев, истакнува Ројтерс.
„Рамката за преговори е многу антагонистичка“, рече еден од изворите на агенцијата.
Портпаролот на американското Министерство за финансии потврди дека се водат разговори, но ги опиша како „технички по природа“.
Преговорите за украинските минерални ресурси станаа, според американски и украински извори, клучна точка во преговорите за можно мирно решение на војната откако Доналд Трамп го презеде вториот мандат.
Трамп претходно изјави дека сака да врати дел од парите што САД ги потрошиле за помош на Украина по руската инвазија во 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно отпатува во Вашингтон за да потпише договор за стратешките минерали, но средбата со Трамп заврши бурно и прекината.
Свет
Специјалниот пратеник на Трамп по нападот: „Затоа претседателот сака да ја запре оваа војна“

Кит Келог, специјалниот пратеник на претседателот, Доналд Трамп, за војната во Украина, реагираше на рускиот напад врз Суми со порака на социјалните мрежи во која рече дека „ги преминува сите граници на пристојност“.
„Десетици мртви и ранети цивили. Токму затоа претседателот Трамп вложува големи напори да ја запре оваа војна“, напиша Келог.
На неговото соопштение брзо реагираше советникот за комуникации на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој со остар тон рече:
„Зарем не мислите дека е време да ја застрелате таа московска мазга во муцката со летва?
Вашингтон и Москва одржаа низа разговори за можен прекин на огнот, но нападите врз украинските градови во меѓувреме не престанаа, а расте загриженоста дека Украина може да биде принудена на сериозни отстапки.
Свет
Десетици повредени и убиени во рускиот напад на Суми

Најмалку 32 лица загинаа, меѓу кои и деца, а 84 се ранети, во напад со руски балистички проектили врз градот Суми, во североисточна Украина, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби на Телеграм.
Меѓу повредените има и седум деца, напишаа тие.
Државната служба за итни случаи претходно напиша дека луѓето лежат повредени сред улица, во автомобилите, јавниот превоз, куќите.
„Русија го нападна центарот на Суми на верски празник, кога луѓето одат во црква“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.
„Русија сака токму таков вид терор и ја продолжува оваа војна. Без притисок врз агресорот, мирот е невозможен“, изјави тој.
„Разговорите никогаш не ги запреа балистичките ракети и бомбите од воздух“, додаде тој.
Нападот се случил во дел на Украина каде се верува дека руските сили подготвуваат голема офанзива бидејќи се обидуваат да окупираат што е можно повеќе украинска територија, пишува Џејмс Вотерхаус, дописник на Би-би-си од Киев.
Експлозијата ја снимила камера на возило на една од главните улици.
Запалени возила, мртви тела и скршени дрвја може да се видат додека пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот.
Службите за итни случаи изјавија дека помошта за настраданите е во тек и дека психолози ќе работат со погодените од овој напад.
„Истражувачите и форензичарите се на местото на нападот. Тие собираат докази и ги документираат бруталните воени злосторства на Русија против цивилите“, напишаа тие.