Свет
(Видео) Ужас во градинка во Кина, жена со нож избола 14 деца
Најмалку 14 деца се повредени во напад со нож во градинка во западниот град Чонгчинг. Нападот го извела 39-годишна жена идентификувана само како Лиу, соопшти локалната полиција.
#BREAKING Stabbing attack carried by a woman at a kindergarten in Chongqing, #China. pic.twitter.com/xt6xnC0v59
— Guido Mastrangelo (@GuidoGma) October 26, 2018
Нападот се случил по утринските вежби кога децата се вратиле во училницата. Жената напаѓач била фатена и спречена од наставниците и член од обезбедувањето на градинката, а наводно била истепана од родителите на децата.
Како што пренесуваат медиумите, жената ѝ се пожалила на полицијата дека била малтретирана од кинеската влада, но не е јасно зошто ги нападнала децата.
RT Echinanews “Woman detained after stabbing and injuring 14 children from a kindergarten in SW China’s Chongqing on Friday. The injured have been sent to hospital. The motive of the attack is unclear, and a further investigation is underway. pic.twitter.com/yXPwzXB14A“
— 许 (@fuqianggu) October 26, 2018
Од видеоснимките што се проширија на медиумите се гледаат толпа полицајци, родители и деца собрани надвор пред градинката, како и возила на брзата помош.
Во Кина изминатите години се забележани повеќе слични инциденти за кои најчесто се обвинети ментално заболени или гневни лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД го зголемуваат трикратно производството на ракети за системите „Патриот“
Соединетите Американски Држави планираат повеќе од тројно да го зголемат производството на пресретнувачки ракети за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, како одговор на зголемената глобална побарувачка, поттикната од војната во Украина и други безбедносни предизвици.
Пентагон објави дека склучил нов долгорочен договор со „Локхид Мартин, со кој годишното производство на пресретнувачи ПАЦ3=-МСЕ треба да порасне од околу 600 на приближно 2.000 ракети.
Побарувачката за овие ракети нагло се зголеми по руската инвазија врз Украина, која се потпира на системите „Патриот“ за заштита на градовите и клучната инфраструктура од воздушни напади. Американските власти наведуваат дека новиот модел на набавка ќе овозможи побрзо производство, поголеми индустриски инвестиции и посилни синџири на снабдување.
И покрај најавеното зголемување, експертите предупредуваат дека САД моментално се соочуваат со недостиг на вакви пресретнувачи, поради нивната интензивна употреба во Украина и на Блискиот Исток.
Свет
Анџелина Џоли ги посети палестинските деца од Газа во болници во Египет
Хуманитарната организација ИНАРА ја угости актерката и хуманитарка Анџелина Џоли за време на нејзината посета на програмите во Египет, каде што се сретна со палестински деца од Појасот Газа кои добиваат медицинска, образовна и психолошка поддршка.
Џоли ги посети децата кои се лекуваат во болници, учесниците во образовните програми и семејствата за време на домашни посети, како и центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка. Таму разговараше со персоналот и ги слушна сведоштвата на децата за траумите низ кои поминале.
Децата истакнаа дека медицинската помош, психолошките терапии и наставата што ги обезбедува ИНАРА им помогнале повторно да почувствуваат стабилност и да продолжат да сонуваат за иднината. Шеснаесетгодишно девојче раскажа дека по повеќемесечно лекување му била спасена повредената нога, а на денот на средбата со Џоли ѝ бил изваден гипсот.
Џоли изрази почит за храброста на децата и надеж дека еден ден ќе живеат во мир и безбедност. Од октомври 2023 година, ИНАРА обезбедила медицинска и психосоцијална помош, образование, сместување и финансиска поддршка за илјадници палестински деца и нивните старатели во Египет.
Фото: ИНАРА – хуманитарна организација (inara.org)
Свет
Рубио: САД не планираат инвазија, туку купување на Гренланд
Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио им порача на пратениците дека, и покрај сè поагресивната реторика, администрацијата не планира инвазија врз Гренланд, туку сака да го купи овој огромен остров од Данска. Оваа изјава, дадена за време на затворен брифинг во понеделникот, доаѓа во момент кога Белата куќа јавно не ја исклучува можноста за воена акција, а претседателот Трамп и неговите соработници одбиваат да ја исклучат можноста за заземање територија со сила.
Дека ситуацијата е сериозна, потврди и портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека стекнувањето на Гренланд е приоритет за националната безбедност на Соединетите Американски Држави и дека е клучно за одвраќање на нашите противници во арктичкиот регион“, изјави таа.
„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна надворешнополитичка цел, а секако, користењето на американската војска секогаш е опција што му стои на располагање на врховниот командант.“
Желбата на Трамп да го купи Гренланд не е нова – тој за тоа зборуваше и за време на својот прв мандат, но сега се чини дека е поодлучен од кога било оваа територија да ја припои кон Соединетите Американски Држави.
Зборовите на Рубио биле изречени на состанок со раководството на Конгресот, на кој учествувале и министерот за одбрана Пит Хегсет и претседателот на Здружениот штаб, генералот Ден Кејн. Главна тема на состанокот била операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но разговорот се проширил и на други потенцијални воени акции.
Според извори, лидерот на сенатското малцинство, Чак Шумер, директно прашал дали администрацијата планира воена интервенција во Мексико или на Гренланд, на што Рубио, како што се наведува, се обидел да ја смири ситуацијата.
Иако не е целосно јасно дали Рубио навистина ги смирил пратениците, блискиот сојузник на Трамп, сенаторот Линдзи Греам, тврди дека агресивната реторика е всушност преговарачка тактика.
„Сето ова е дел од преговори“, изјави тој.
„Мораме да имаме правна контрола и правна заштита за да ја оправдаме изградбата на тоа место и испраќањето на нашите луѓе на терен.“
Сепак, ваквиот пристап предизвика длабока загриженост кај европските сојузници. Членките на НАТО предупредија дека американски напад врз Гренланд, кој е автономен дел од Данска, би значел крај на деценискиот воено-политички сојуз.
Дека Белата куќа не се откажува од притисокот, покажа и Стивен Милер, еден од најблиските соработници на Трамп, кој во понеделникот на Си-Ен-Ен не ја исклучи можноста за инвазија.
„Никој нема воено да се бори против Соединетите Американски Држави поради иднината на Гренланд“, самоуверено порача тој.
Самиот претседател Трамп беше уште подиректен следниот ден, во вторникот, кога им објасни на новинарите во претседателскиот авион: „Ни треба Гренланд од аспект на националната безбедност, а на Европската Унија ѝ треба ние да го имаме и тие тоа го знаат“, рече тој, нагласувајќи ја важноста на контролата врз Арктикот поради Русија и Кина, како и пристапот до богатите минерални ресурси на островот.
Данската влада се обиде да одговори на безбедносните грижи на Трамп, нудејќи стационирање на поголем број американски војници и нови права за експлоатација на минерали, но Трамп во неделата ги отфрли тие предлози со изјава дека Копенхаген купува „уште едни санки за кучиња“.
Данската премиерка Мете Фредериксен во понеделникот упати досега најостро предупредување. За локалната телевизија ДР изјави дека напад врз членка на НАТО би значел крај на сè.
„Сè би завршило. Меѓународната заедница каква што ја познаваме, демократските правила на игра, НАТО – најсилниот одбранбен сојуз во светот – сето тоа би се урнало ако една земја членка на НАТО одлучи да нападне друга“, порача Фредериксен.
Стравот кај европските лидери е дополнително засилен поради неодамнешните американски воени операции во Венецуела, Нигерија и Иран, кои укажуваат дека Трамп во својот втор мандат е поподготвен да користи сила. Во меѓувреме, додека траат дипломатските тензии и закани, жителите на Гренланд, според истражувањата на јавното мислење, во големо мнозинство се противат на идејата да станат дел од Соединетите Американски Држави.

