Свет
(Видео) Цукерберг го смени името на компанијата и откри како ќе изгледа иднината
Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, денеска претстави серија нови концепти насочени кон метаверзумот.
Метаверзум е широк поим, кој главно се однесува на виртуелни светови што се достапни за поголем број луѓе и се слични на реалниот живот. До нив може да се пристапи преку интернет.
Тој најави и дека компанијата ќе го смени името во Мета.
Сепак, социјалната мрежа ќе го задржи своето име и отсега „Мета“ ќе поседува три големи брендови: „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Вацап“.
Постои и веројатност дека ребрендирањето е дел од обидот да се спаси угледот на „Фејсбук“ и да се оддалечи компанијата од многуте скандали што се случија неодамна.
„Во моментот нашиот бренд е толку цврсто поврзан со еден производ, што на никаков начин не може да претставува сè што правиме денес, а камоли во иднина“, рече Цукерберг.
Сите апликации и технологии ќе бидат обединети под еден бренд, а корпоративната структура на компанијата нема да се менува, нагласи тој.
Во иднина корисниците ќе може да пристапуваат до други услуги на компанијата, дури и без користење на „Фејсбук“, рече Цукерберг.
„Знам дека некои луѓе ќе речат оти ова не е време да се фокусираме на иднината и сакам да нагласам дека сега има важни прашања на кои треба да се работи. Секогаш ќе има“, рече Цукерберг во текот на конференцијата за виртуелна и проширена реалност.
„Фејсбук“ го пренесуваше во живо својот осми годишен настан – Connect за да ги прикаже своите најнови иновации и истражувања во проширената и во виртуелната реалност. Тие ја претставија и својата верзија на метаверузмот, комбинација на виртуелна и проширена реалност.
Така, беа прикажни серија видеа преку кои компанијата се обиде да ја пренесе својата визија за метаверзумот.
Се наведува дека оваа технологија ќе им овозможи на корисниците да испрат холографска слика на концерт со пријател, кој всушност e на самиот настан, ќе може да седат на виртуелна маса за состаноци со колегите или да играат игри со пријателите.
Цукерберг исто така најави дека виртуелната реалност ќе се користи за повици преку апликацијата „Месинџер“, а планира да создаде и виртуелен пазар, каде што ќе може да се продаваат виртуелни производи.
„Вашите уреди повеќе нема да бидат во фокусот на вашето внимание“, рече тој.
„Очекуваме дека многу од овие технологии меѓусебно ќе се поврзат во рок од пет или 10 години. Многу од нив ќе бидат мејнстрим и многу од нас на дневна основа ќе создаваат и населуваат светови, кои ќе бидат детаљни и автентични како и овој“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

