Свет
(Видео) Четворица мртви по упадот на толпата во Конгресот, членовите на владата зборуваат за отповикување на Трамп
Синоќа стотици приврзаници на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот на САД во Вашингтон. Четири лица се убиени, соопшти полицијата во американскиот главен град.
По четиричасовна опсада на зградата на Конгресот, пратениците повторно се собраа да продолжат со сесијата за верификација на победата на Џо Бајден на претседателските избори. Вашингтон сè уште е под полициски час, а зградата на Капитол и околните улици се опколени од припадници на интервентната полиција.
„Фејсбук“ и „Твитер“ избришаа неколку објави на Доналд Трамп во кои, откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, тој ги повтори тврдењата за украдени избори, ја нарече толпата големи патриоти и напиша дека ги сака. Покрај тоа, „Твитер“ му забрани на Трамп 12 часа да тивта и објави дека е можно трајно да му се забрани да објавува ако продолжи да поттикнува насилство. „Фејсбук“ му забрани на Трамп да објавува 24 часа.
Бројот на апсења се очекува да се зголеми, а првичниот број е далеку помал отколку по протестите на 1 јуни, предизвикани од полициското убиство на црнецот Џорџ Флојд, кога беа уапсени повеќе од 300 лица, пренесува „Ројтерс“. Градоначалничката на Вашингтон рече дека полицијата има намера да побара помош од јавноста за идентификување на демонстрантите, од кои многумина се фотографирале и снимале и потоа ги објавиле снимките на социјалните мрежи. ФБИ подоцна во средата ја повика јавноста да им испрати фотографии и видеа за да им помогне да ги идентификуваат оние кои активно поттикнуваат насилство.
Две експлозивни направи се пронајдени синоќа во седиштето на републиканскиот и демократскиот националн комитет, а во Капитол е пронајдена гајба со молотови коктели.
Членовите на американската влада разговараат за можноста за предвремено отстранувње на актуелниот претседателот Доналд Трамп од власта, откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, објавија американските медиуми.
Нивната дискусија се води околу 25. амандман на Уставот на САД, кој им овозможува на потпретседателот и мнозинството во владата да го прогласат претседателот за неспособен за извршување на својата работа, известуваат Се-ен-ен, Си-би-ес и Еј-би-си, повикувајќи се на анонимни извори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тврдења дека Епстин е жив повторно вирални, „Би-Би-Си“ анализираше што покажуваат документите
На социјалните мрежи се шири тврдење дека новообјавени документи покажуваат оти американските власти подготвиле соопштение за смртта на Џефри Епстин еден ден пред да биде пронајден мртов, што според тие објави наводно имплицира дека Епстин е сè уште жив. Како „доказ“ се наведува документ на американското Министерство за правда во кој се споменува датумот 9 август 2019 година – ден пред Епстин да биде пронајден мртов во затворска ќелија.
Би-Би-Си Verify ја провери оваа информација и заклучи дека станува збор за погрешно толкување на интерен нацрт-документ, а не за доказ дека смртта на Епстин била лажирана или однапред планирана.
Спорниот документ и датумот што ги поттикна теориите
Повод за новите шпекулации бил нацрт-соопштение на американското Министерство за правда, вклучено во најновата серија декласифицирани документи за Епстин. Во документот се наведува дека Епстин бил „пронајден без свест во својата ќелија“ во затвор во Њујорк, а како датум стои петок, 9 август 2019 година.
На социјалните мрежи тоа било протолкувано како наводен доказ дека американските власти однапред знаеле за неговата смрт или дека во тој момент тој воопшто не се наоѓал во ќелијата.
Што велат официјалните наоди?
Сепак, како што наведува Би-Би-Си Verify, сите релевантни службени документи потврдуваат дека Џефри Епстин бил пронајден мртов во сабота, 10 август 2019 година. Тоа вклучува декласифициран извештај на ФБИ за неговата смрт во притвор, обдукциски наод, интерни затворски документи, како и службени фотографии од местото на настанот.
Во ниту еден од тие документи не се појавува датумот 9 август како ден на неговата смрт или пронаоѓање на телото.
Министерството за правда: Станува збор за грешка во нацрт
Американското Министерство за правда му потврдило на Би-Би-Си Verify дека спорниот датум е резултат на грешка во интерен нацрт-документ кој никогаш не бил наменет за јавна објава. Според нивното објаснување, нацрт-верзиите на службената изјава почнале да циркулираат преку интерни електронски пораки во Канцеларијата на американскиот државен обвинител за јужниот округ на Њујорк дури на 10 август 2019 година, по смртта на Епстин.
„Иако првичните верзии на изјавата содржеа претходен датум, станува збор за несреќна административна грешка која подоцна била исправена пред објавувањето на службеното соопштение“, соопштиле од Министерството за правда за Би-Би-Си Verify.
Додале и дека тврдењата оти изјавата била подготвена пред смртта на Епстин се неточни.
Како грешката станала јавна
Спорниот документ бил интерен нацрт што останал зачуван во архивата на електронската комуникација и подоцна бил вклучен во објавените судски списи. Токму тоа овозможило погрешниот датум да стане видлив за јавноста и да послужи како повод за нови теории на заговор.
Би-Би-Си Verify нагласува дека нема никакви докази кои би упатувале на тоа дека смртта на Епстин била фалсификувана или дека тој преживеал, како што се тврди во виралните објави.
Заклучокот на Би-Би-Си Verify е јасен: погрешниот датум во интерниот нацрт-документ е резултат на административна грешка, а не доказ за заташкување или лажирање на смртта на Џефри Епстин. Сите релевантни и службени наоди потврдуваат дека тој починал на 10 август 2019 година во затвор во Њујорк, како што тогаш и официјално беше објавено.
Свет
Двајца ученици избодени со нож во училиште во Лондон, полицијата трага по тинејџер
Двe момчиња на возраст од 12 и 13 години се пренесени во болница откако денес биле избодени со нож во средното училиште „Кингсбери“ во Брент, северен Лондон, објави Би-Би-Си.
Полицијата добила пријава за нападот околу 12:40 часот по локално време. Првичните информации укажувале дека е повреден еден 13-годишник, но подоцна било утврдено дека на истото место бил нападнат и 12-годишен ученик.
Двајцата се згрижени од службите за итна помош и пренесени во болница, а полицијата очекува дополнителни информации за нивната здравствена состојба.
Од полицијата соопштија дека осомничениот е идентификуван и дека станува збор за тинејџер, по кого интензивно се трага.
Детективот Лук Вилијамс изјави дека е свесен оти нападот ќе предизвика „значителна загриженост“ во локалната заедница.
„Сакаме да ги смириме локалните ученици, родителите и жителите. Ангажиравме значителни полициски сили во областа и правиме сè што можеме за да го пронајдеме осомничениот“, рече тој.
„Нашите мисли се со повредените момчиња и сакам да им се заблагодарам на болничарите и лекарите кои се грижат за двајцата“, додаде Вилијамс.
Свет
Британка застрелана во Тексас: Пред трагедијата се скарала со татко ѝ околу Трамп
Британката Луси Харисон (23) од Ворингтон била застрелана во градите на 10 јануари минатата година во домот на својот татко во Проспер, Тексас, објави Би-Би-Си.
На истражното рочиште во Велика Британија било речено дека претходно истиот ден таа се скарала со него околу Доналд Трамп и неговите ставови за оружје.
Нејзиниот партнер Сем Литлер сведочел дека расправијата била „жестока“ и дека Луси била вознемирена поради ставовите на татко ѝ. Подоцна, непосредно пред да заминат кон аеродром, таткото ја одвел во својата спална соба, по што се слушнал истрел. Литлер изјавил дека ја затекнал Луси на подот, додека таткото врескал.
Полицијата во Тексас ја истражувала смртта како можно убиство од небрежност, но големата порота во округот Колин одбила да покрене обвинение против таткото, Крис Харисон.
Истрагата се очекува да заврши во вторник.

