Свет
(Видео) Шестмина загинати при уривање на зграда во Индија

Обилните дождови предизвикаа уривање на шесткатна зграда во Мумбаи, при што загинаа шест лица.
Зградата, која се наоѓаше во многу лоша состојба дури и пред уривањето, беше населена од пет или шест семејства на кои претходно им било советувано да се евакуираат, рекоа сведоците, пренесува „Ројтерс“.
„Не може да се исклучи опасноста од друго уривање“, рече шефот на противпожарната служба.
Поради обилните дождови во тој дел на Индија е издадено црвено предупредување за Мумбаи и околината.
Покрај проблемите со обилните врнежи од дожд, Индија се соочува и со силен удар на коронавирусот. Според Министерството за здравство, бројот на заразени лица надмина еден милион. Во таа земја досега од коронавирус починале вкупно 25.602 граѓани.
Инфекцијата се шири, особено во помалите градови и села каде што нема карантин и ограничувања, пренесува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран се заканува со лансирање на „Хаибар“, Техеран најави жесток одговор

По интензивирањето на вооружениот судир меѓу Израел и Иран, иранските власти вчера испратија заканувачка порака до меѓународната заедница, најавувајќи потенцијално лансирање на ракетата „Хаибар“. Соопштението дојде со драматично предупредување: „Светот ќе биде шокиран од она што ќе го види“.
Оваа порака е реакција на ескалацијата на најжестоките судири досега меѓу двете држави, при што и двете страни – и иранските власти и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху – најавија продолжување на воените дејствија. Според написот на хрватскиот портал Индекс.хр, ситуацијата се движи кон опасна нова фаза.
Што претставува „Хаибар“?
„Хаибар“ е балистичка ракета од среден дострел, именувана по историската битка за Хаибар во 7 век. Станува збор за нова генерација ракети во иранскиот арсенал, која според тврдењата од Техеран, има дострел од околу 2.000 километри – доволно за да ја погоди територијата на Израел, како и други цели во поширокиот Блиски Исток.
Иако нема официјална најава кога би можела да биде лансирана, изјавите од иранските власти јасно посочуваат дека тоа би било директен одговор на неодамнешните израелски напади, кои го таргетираа иранскиот воен капацитет и при кои загинаа високи функционери од Револуционерната гарда.
Карактеристики на „Хаибар“
Според достапните податоци, ракетата „Хаибар“ располага со следните способности:
– носи конвенционална боева глава со значително зголемена разорна моќ во споредба со претходните генерации,
– вклучува напредни системи за наведување, базирани на инерцијална навигација потпомогната со GPS, што ја зголемува нејзината прецизност,
– достигнува хиперсонична брзина во фазата на повторно влегување во атмосферата – помеѓу 12 и 15 маха (или 4 до 5 километри во секунда), што ја прави исклучително тешка за пресретнување со постоечките противракетни системи.
Иранските власти го претставуваат развојот и евентуалното лансирање на ова оружје како демонстрација на нивната технолошка и воена надмоќ, со порака дека секој напад врз нив ќе добие „силен и стратешки“ одговор.
Загриженост за поширока регионална дестабилизација
Иако Израел сè уште официјално не реагирал на иранските закани, армијата и разузнавачките служби се ставени во состојба на висока готовност. Со оглед на потенцијалниот дострел на „Хаибар“, можни цели не се само израелски градови, туку и американски воени бази во регионот.
Меѓународни аналитичари предупредуваат дека евентуално лансирање на оваа ракета може дополнително да ја разниша стабилноста во Блискиот Исток. Во време кога конфронтацијата меѓу двете земји е отворена и активна, потенцијалното користење на оружје што е речиси невозможно да се пресретне ја подигнува загриженоста и на глобално ниво.
Иако останува неизвесно дали и кога ќе се случи лансирање, самото спомнување на „Хаибар“ има моќен психолошки ефект. Во контекст на претходните напади со беспилотни летала и ракети, Иран јасно порачува дека нема намера да се повлече без одговор на израелската воена акција.
Свет
Хрватски конзул и неговата сопруга се повредени во нападот врз Тел Авив

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека разговарал со хрватскиот конзул во Тел Авив и неговата сопруга, кои беа повредени во иранскиот напад врз Израел, потврдувајќи дека нивните повреди се полесни.
„Шокиран сум од веста дека нашиот конзул и неговата сопруга се повредени во нападот врз Тел Авив. Зградата каде што живеат беше погодена. Разговарав со нив лично и за среќа, повредите се полесни и не се опасни по живот“, сподели Грлиќ Радман на Фејсбук.
„Министерството за надворешни и европски работи е во постојан контакт со амбасадата и преземаме сите мерки за да ја осигуриме нивната безбедност“, рече министерот.
Тој додадек дека најостро ги осудуваат нападите врз цивили и дипломатски објекти и повика на итна деескалација и воздржаност.
Хрватската амбасадорка во Израел, Весела Мрѓен Кораќ, потврди за хрватските медиуми дека зградата каде што живеат двајца хрватски дипломати е сериозно оштетена.
„Конзулот и неговата сопруга претрпеа полесни повреди“, рече амбасадорот.
Во раните утрински часови во петокот, израелските сили извршија напад врз Иран, таргетирајќи нуклеарни и ракетни постројки, при што загинаа повеќе од 104 лица, вклучувајќи високи воени команданти и научници, а беа ранети речиси 380.
Според извештаите, Иран одговори со балистички ракети кои погодија повеќе локации низ Израел, при што загинаа три лица, а беа ранети повеќе од 90 други.
Свет
Иран потврди: Израел ни уби уште двајца генерали

Иран потврди дека уште двајца високи воени функционери се убиени во израелските воздушни напади: генерал Голамреза Мехраби, заменик-началник на разузнавањето на Генералштабот на вооружените сили, и генерал Мехди Рабани, заменик-началник на операциите. Нивните имиња беа објавени од иранската државна телевизија, но не беше прецизирано каде загинале.
Потврдата доаѓа откако Иран веќе ја призна смртта на неколку клучни воени и политички личности во истите напади, вклучувајќи ги:
– Генерал Хосеин Салами, командант на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ);
– Генерал Мохамад Багери, началник на Генералштабот на вооружените сили;
– Генерал Голам Али Рашид, командант на штабот Хатам-ал Анбија;
– Генерал Амир Али Хаџизаде, началник на воздухопловниот оддел на ИРГЦ;
– Али Шамхани, поранешен секретар на Врховниот совет за национална безбедност и советник на Врховниот лидер.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападите биле насочени кон военото и научното раководство на Иран да ја запре неговата нуклеарна програма.
Нетанјаху го повика иранскиот народ да се спротивстави на сопствениот режим, велејќи дека постапките на Израел „го отвораат патот“ кон слободата.