Европа
(Видео) Шефот на „Бајонтек“: Пандемијата може да се стави под контрола до следната зима
Многу е веројатно дека вакцината ќе биде ефективна против новата мутација на коронавирусот, изјави Угур Шахин, научник и шеф на компанијата „Бајонтек“, чија вакцина беше одобрена во ЕУ.
Тој за „Дојче веле“ изјави дека се надева оти ќе го имунизира населението до следната зима и дека нивото на хоспитализација на стари лица ќе се намали за неколку месеци.
Со оглед на тоа дека ЕМА ќе ја објави одлуката за вакцината на американската „Модерна“ на 6 јануари, тоа му дава надеж на Шахин дека набргу ќе се најдат доволно вакцини на пазарот за да се стави пандемијата под контрола до следната зима.
Тој посочува дека за тоа треба да се имунизираат 60-70 проценти од луѓето.
Кога станува збор за новиот вид коронавирус што првпат е забележан во Велика Британија, шефот на „Бајонтек“ вели дека сè уште не е познато дали е отпорен на вакцината.
„Сè уште не знаеме бидејќи не сме ги направиле тестовите“, вели Шахин и најавува дека во следните две недели „Бајонтек“ ќе го провери одговорот на таа мутација на нивната вакцина.
Тој верува дека постои голема веројатност вакцината да биде ефикасна против новиот вид коронавирус бидејќи, иако таа варијанта има повеќе мутации, само еден процент од релевантниот протеин е променет.
„Тоа значи дека 99 проценти се исти, а нашата вакцина предизвикува имунолошки одговор со напад на протеините на вирусот од неколку страни“, додаде научникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.
Европа
(Видео) Трагедија во Турција: куп снег падна од покрив и усмрти 21-годишна девојка, несреќата снимена од безбедносни камери
Невидена трагедија се случи во турскиот град Битлис, кога куп снег падна од покрив и уби девојка.
Трагедијата се случи во вторник, 6 јануари, кога снег од покривот падна врз 21-годишната Ајше Идер додека одеше по тротоарот, објавија турските медиуми.
Ајше Идер беше тешко повредена во инцидентот, а снегот се натрупа врз неа двапати, соборувајќи ја на земја. Минувачите веднаш истрчаа да ѝ помогнат, дури и ризикувајќи го сопствениот живот кога снегот падна на земја по трет пат.
📹Bitlis'in Tatvan ilçesinde çatıdan düşen kar ve buz kütlesinin altında kalan 21 yaşındaki Ayşe İder hayatını kaybetti https://t.co/Bcs5z4BaDF pic.twitter.com/4rqQ9yeEvi
— Habertürk (@Haberturk) January 6, 2026
Младата девојка, на која ѝ беше укажана прва помош од медицински екипи испратени на местото на настанот, а потоа однесена во државната болница Татван, не можеше да се спаси. И покрај сите напори им подлегна на повредите.
Инцидентот, кој беше снимен и од безбедносните камери, и смртта на младата девојка, која се подготвуваше за приемен испит на универзитет, предизвикаа голема тага во округот Татван. Телото на Ајше Идер, кое беше преземено од болницата наутро, беше погребано на гробиштата Кучукшу.
Европа
(Видео) Силна бура ги погоди Франција и Велика Британија, објавени се снимки
Силни ветрови ги погодија Франција и Велика Британија денеска, додека бурата Горети ја зафати северна Европа, оставајќи стотици илјади домови без струја. Во Франција, околу 380.000 домови останаа без струја, главно во регионите Нормандија и Бретања, соопшти снабдувачот со електрична енергија Енедис.
Налети на ветер од над 150 км/ч беа регистрирани преку ноќ во северозападниот француски регион Манш, со рекордни 213 км/ч во Барфлер, а железничкиот оператор SNCF ги прекина железничките услуги помеѓу Париз и регионот Нормандија.
Во Велика Британија, 57.000 домови останаа без струја, според National Grid, откако бурата Горети донесе повеќе снег во земјата по една недела студено време. Се очекува стотици училишта да бидат затворени низ Шкотска и делови од централна Англија, кои беа особено погодени од бурата Горети.
Железничките оператори во тој дел од Англија ги предупредија патниците да не патуваат, а некои услуги се прекинати.

