Свет
(Видео) Јапонска компанија денес вторпат ќе се обиде да слета на Месечината
Вселенскиот лендер „Резилиенс“ на компанијата Испејс“ денес ќе се обиде да слета на северниот дел од Месечината по шестмесечно патување. Мисијата го означува вториот обид на јапонскиот стартап да изврши меко слетување на површината на Месечината.
Слетувањето е закажано за 21.24 часот по македонско време, во регионот „Маре фригорис“ („Море од студ“), кој се наоѓа во крајниот северен дел од Месечината. Емитувањето ќе биде достапно во живо на јутјуб-каналот на „Испејс“, приближно еден час пред планираното слетување.
Лендерот беше лансиран на 15 јануари 2025 година и влезе во елиптична трансферна орбита, а потоа со помош на поминување блиску до Месечината премина во енергетски ефикасна орбита на ниска надморска височина. Успешно ги заврши сите орбитални маневри и моментно е во лунарна орбита на ниска надморска височина, од која ќе се обиде со последен маневар за слетување.
За време на автоматското спуштање, „Резилиенс“ ќе ги активира своите главни погонски механизми за да ја намали брзината и да ја приспоосби надморската височина со цел меко слетување на „Маре фригорис“.
Лендерот носи мал ровер наречен „Тенесиус“, дизајниран да ја истражува површината на Месечината. Исто така, носи голем број научни инструменти, првенствено од јапонскиот приватен сектор, чија цел е да собираат податоци за лунарните услови и ресурси.
Ова е втор обид за слетување на Месечината за „Испејс“. За време на првиот обид во април 2023 година, мисијата „Хакуто-Р М1“ не успеа: поради погрешна процена на надморската височина, лендерот предвреме го намали потисокот и остана без гориво на надморска височина од 5 километри по што слободно падна и се распадна. Тој лендер исто така носеше мали роботи од јапонската вселенска агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарија ја тужи ЕУ поради забраната за увоз на руски гас
Унгарија покрена постапка пред Европскиот суд на правдата против одлуката на Европската Унија за забрана на увоз на природен гас од Русија, објави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто тоа го соопшти на платформата „Икс“, откако во правната база на податоци на ЕУ беше објавена регулативата за постепено напуштање на рускиот гас. Намера да ја тужи ЕУ пред судот со седиште во Луксембург најави и Словачка.
Унгарскиот министер тврди дека Унгарија и Словачка не смееле да бидат прегласани при донесувањето на одлуката кон крајот на јануари. Според него, станува збор за одлука која има карактеристики на санкции и како таква требало да биде донесена едногласно, пренесе „ДПА“. Останатите 27 земји-членки на ЕУ мерката за забрана на увоз на руски гас ја третираат како прашање од трговската политика, за што е доволно квалификувано мнозинство, наведува агенцијата.
Сијарто во својата објава истакна дека европските договори јасно укажуваат дека секоја земја-членка самостојно одлучува за своите извори на енергија и добавувачи.
Тој се повика и на принципот на енергетска солидарност, кој, според неговите зборови, подразбира сигурност во снабдувањето со енергија за сите земји-членки. Тврди дека овој принцип се крши во случајот на Унгарија, која без увоз на руски гас, како што наведува, располага само со поскапи и понесигурни алтернативи.
Сијарто слични критики упати и кон Хрватска минатата година, обвинувајќи ја дека неприродно ги зголемила цените за транзит на нафта и дека нејзиниот нафтовод е недоверлив. Хрватската влада и компанијата ЈАНАФ тогаш ги отфрлија тие обвинувања, а унгарскиот министер Хрватска ја нарече и „воен профитер“, потсетува „Индекс.хр“.
Европската Унија донесе одлука според која увозот на руски гас мора да запре до крајот на 2027 година.
Унгарија е силно зависна од овој енергент и, од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, не презела конкретни чекори за намалување на зависноста од Русија, наведува „ДПА“, додавајќи дека унгарскиот премиер Виктор Орбан се смета за еден од најблиските сојузници на Кремљ во рамките на ЕУ.
Свет
Ново Мексико ја тужи Мета: „Профитот пред безбедноста на децата“
Во Санта Фе денеска започнува големо судење против компанијата Мета, второ вакво оваа година, по обвиненија дека свесно им овозможила на предатори да ги користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за сексуална експлоатација на деца, ставајќи го профитот пред безбедноста. Тужбата ја поднесе државата Ново Мексико, по истрага која утврдила сериозни пропусти во заштитата на малолетниците, пишува Гардијан.
Главниот државен обвинител Раул Торез тврди дека платформите на Мета создале опасна средина за деца, изложувајќи ги на злоупотреби, уцени и трговија со луѓе. Според тужбата, дизајнот и деловните модели на компанијата го фаворизирале ангажманот на корисници, а не безбедноста. Торез претходно изјави дека Мета е „најголемото глобално пазариште за предатори и педофили“.
Мета ги отфрла обвинувањата, наведувајќи дека со години соработува со експерти и вовела мерки за заштита на младите, како тинејџерски профили и родителски контроли.
На судењето се очекува изнесување докази од тајна полициска операција, интерни документи според кои околу 100.000 деца дневно доживуваат сексуално вознемирување на платформите, како и наводи дека компанијата профитирала од реклами поврзани со проблематична содржина. Случајот доаѓа во време кога сè повеќе судови ја преиспитуваат правната заштита на технолошките компании според таканаречениот Оддел 230.
Свет
Кремљ потврди нова рунда преговори за крај на војната во Украина
Кремљ потврди дека оваа недела ќе се одржи нова рунда преговори за завршување на војната во Украина, со посредство на САД, и покрај продолжените борби. Според Кремљ, разговорите ќе се одржат во среда и четврток во Абу Даби, каде што се одржа и претходниот состанок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата била кратко одложена поради преклопување на распоредите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека ќе испрати делегација на преговорите.
Песков ги опиша разговорите како „многу сложени“.
Како главна пречка останува прашањето за територијата, односно дали Русија ќе ги задржи окупираните делови од Украина, особено на истокот на земјата.

