Свет
(Видео) Џастин Трудо телефонски разговарал со лажна Грета Тунберг
Канадскиот премиер Џастин Трудо бил наместен од познатите руски пранери, кои се преправаат дека се Грета Тунберг, па разговал со неа за геополитиката и за светските лидери и ѝ ветил дека ќе ја запознае со Теренс и Филип, пренесува РТ.
Пранкерите Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати и како Вован и Лексус, оствариле 10-минутен телефонски разговор со Трудо во јануари по соборувањето на украинскиот патнички авион во Иран. Снимка од разговорот помеѓу Трудо и глас што се претставува како Грета беше објавена на каналот на Вован и Лексус на „Јутјуб“ во понеделникот како последна во серијата Stars Save the Earth.
Трудо се обидел да ја увери лажната Грета дека дава сè од себе да ги деескалира меѓународните тензии по трагедијата со авионот.
„Јас ве молам да им влијаете на претседателот Доналд Трамп и на НАТО за да сфатат дека не само иднината, туку и сегашноста ќе ни биде украдена“, вели лажната Грета.
„Ние навистина балансираме многу работи во Ирак“, рече Трудо. „Има разбирање дека има вистински прашања за меѓународната заедница и американскиот ангажман и нивните активности, но во исто време има признание дека во борбата против тероризмот, во борбата против ИСИС, Даеш, постои потреба од меѓународно воено присуство, вклучително и на Американците, за да се обезбеди стабилност во регионот“.
Незадоволна, лажната Грета му возвраќа: „Вие сте возрасени, но се однесувате како деца“.
Таа продолжува да зборува за свет со повеќе љубов, во кој има место за сите, за белци и црнци, христијани и муслимани, за Трамп и за Путин, за мене и тебе, за Борис Џонсон… за Теренс и Филип“.
Алузијата на Теренс и Филип е за канадското хумористично дуо, кое глуми во анимираното шоу „Саут Парк“. Трудо или ја пропуштил или ја игнорирал алузијата и ја пофалил лажната Грета за точната перспектива. Тој ѝ се заблагодарил што минатата година ја посетила Канада и ѝ помогнала на неговата партија да победи на изборите, со тоа што јасно укажала на потребата „повеќе да размислуваме за младите“.
„Но, напуштете го НАТО“, одговара лажната Грета. „Фрлете го оружјето. Земете цвеќе. Насмевнете ѝ и се на природата, живејте како човек“.
Трудо повторно покажува сочувствителност, велејќи: „И јас сонувам за свет во кој војниците не се потребни, но, за жал, сè уште не живееме во тој свет и потребни се луѓе да се спротивстават на оние што ќе ѝ наштетат на невиноста. Но, многу ги ценам вашите страсни зборови и секогаш размислувам за тоа како можеме да користиме многу други поинакви патишта за да тргнеме на патот кон мирот“.
„Главното копиле е Трамп затоа што тој прави сè за да нè убие“, вели лажната Грета.
Трудо истакнуваа дека мора да соработува со сите светски лидери што другите луѓе ги избираат, но додава: „Секако можам да разберам дека луѓето може да имаат многу силни чувства кон него“.
Во тој момент лажната Грета го кани Трудо да му се приклучи на нејзиниот приватен клуб за „политичари, претседатели, шефови на влади, кои ме поддржуваат и така светските правила мора да се променат“. Трудо вели дека ќе треба да дознае повеќе за клубот и бара од лажната Грета да му испрати објаснување.
Лажната Грета потоа повторно ги споменува Теренс и Филип барајќи од Трудо да ја запознае со нив.
„Ќе го замолам мојот тим да открие како можеме да ве поврземе… Сега немам нивни директни координати со мене“, вели Трудо.
Кабинетот на канадскиот премиер потврди дека телефонскиот разговор со лажната Грета навистина се случил во јануари тврдејќи дека тоа не е прв повик до светски лидер и дека Трудо утврдил оти повикот е лажен и веднаш го завршил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Секој пилот имал име на човек што треба да го убие“ – како се одвивдала ликвидацијата на ајатолахот Хамнеи
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја покрене операцијата против Иран, во координација со Израел, следела по недели дипломатски притисоци и интензивна разузнавачка подготовка, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на официјални и регионални извори.
Според израелскиот „Џерусалем пост“, месеците собирање разузнавачки податоци резултирале со детална листа на цели, вклучувајќи локации на клучни ирански команданти и високи функционери. Во подготовките учествувале израелските и американските служби, при што биле разменувани информации на повеќе нивоа.
Како што наведува медиумот, во првиот бран учествувале околу 200 авиони, а „секој пилот и екипаж добил прецизно дефинирани цели, со утврдена рута и време на извршување“. Нападите биле насочени кон командни центри и оперативни простории поврзани со иранските безбедносни структури.
Околу два часа по почетните удари, Иран возвратил со напади врз цели поврзани со САД во Заливот и со ракетирање кон Израел. Во тој момент, според наводите, ајатолахот Али Хамнеи веќе бил убиен.
Во анализата, „Џерусалем пост“ го опишува Хамнеи како идеолошки тврд лидер кој во текот на своето долгогодишно владеење ја зацврстил улогата на Иран преку поддршка на сојузници како Хезболах и Хамас, како и преку развој на безбедносната и нуклеарната инфраструктура.
Текстот заклучува дека неговото наследство ќе биде клучен фактор за идниот правец на Иран, додека останува отворено прашањето како ќе постапат неговите наследници.
Свет
Илјадници летови откажани поради ескалацијата на Блискиот Исток
Илјадници летови беа откажани викендов на Блискиот Исток и во Заливот откако повеќе држави го затворија својот воздушен простор по нападите на САД и Израел врз Иран.
Бахреин, Иран, Ирак, Израел, Јордан, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати најавија целосно или делумно затворање на небото, што доведе до масовни откажувања и пренасочувања на летови и десетици илјади заглавени патници.
Според аналитичката компанија „Цириум“, во саботата биле откажани 966 од 4.218 планирани летови (22,9%), а во неделата уште 716. Платформата „ФлајтАвејр“ објави дека глобално биле одложени повеќе од 19.000 летови и откажани над 2.600.
Клучните аеродроми во Дубаи, Абу Даби и Доха привремено ги прекинаа операциите. Емиратес ги стопираше летовите од и кон Дубаи, додека „Катар ервејс“ чека одлука од властите за повторно отворање на воздушниот простор.
Иран изведе напади врз Израел и заливските држави во кои има американски бази. Пријавени се инциденти и на аеродроми во ОАЕ и Кувајт, со информации за повредени и загинати лица.
Бројни светски авиокомпании – меѓу нив „Виз ер“, „Туркиш ерлајнс“, „Ер Франс“, „Бритиш ервејс“, „Луфтханза“, „Финаир“ и други – ги суспендираа летовите кон повеќе дестинации во регионот.
Експертите предупредуваат дека нарушувањата може да продолжат, што ќе значи дополнителни доцнења, повисоки трошоци и можно поскапување на билетите. Патниците се повикани редовно да го проверуваат статусот на летот пред да заминат на аеродром.
Фото: flightradar24
Свет
Велика Британија тврди дека Иран истрелал две ракети кон Кипар, прв ракетен напад врз Европа
Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека две ирански ракети биле истрелани кон Кипар, во она што би претставувало прв ирански ракетен напад врз Европа.
– Прилично сме сигурни дека тие не беа насочени кон нашите бази – рече Хили во интервју за Скај Њуз.
Велика Британија има две големи суверени базни подрачја на Кипар.
Истовремено, „тоа е пример за многу реална, растечка закана“, нагласи тој.
Хили, исто така, откри дека 300 британски војници биле во близина на иранските напади во Бахреин.
– Некои од нив на само неколку стотини јарди од местото каде што паднаа ракетите – рече тој.

