Свет
(Видео) 3-годишно дете смртно го застрела својот помал брат, пронашол пиштол во чантата на мајка си
Тригодишно момче пронашло пиштол во чантата на мајка си и случајно го застрелал својот двегодишен брат убивајќи го, соопшти полицијата во Гери, Индијана. Полицајци биле испратени во локалната болница во петокот вечерта поради 2-годишна жртва на огнено оружје, јавува „Асошиетед прес“.
Мајката на детето им кажала на тамошните полицајци дека нејзиниот 3-годишен син пронашол пиштол во нејзината чанта откако таа ја напуштила спалната соба и случајно го застрелал својот помлад брат, кој подоцна починал од повредите. Работната група за убиства на Обвинителството на Лејк Каунти го истражува пукањето што се случи во дом во Гери.
„Спроведуваме кривична истрага и потоа ќе му ја претставиме на окружниот обвинител на Лејк, кој одлучува дали се работи за невнимание или за несреќа“, изјави началникот на полицијата на Гери, Сем Робертс, за локалните медиуми.
Градоначалникот Џером А. Принс и началникот на полицијата на Гери, Ентони Титус, ја истакнаа важноста на возрасните да преземат чекори за правилно обезбедување огнено оружје и други уреди кои може „да станат оружје во рацете на невините деца“.
Особено тие апелираа да се употребуваат кутии или брави за пиштоли за да се обезбеди огнено оружје.
„Нашите срца и молитви се за најблиските на двегодишното дете, кое беше толку трагично одземено од нашата заедница“, рекоа Принц и Титус во заедничката изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
ЕУ: Веќе нема ризик од кршење на владеењето на правото во Полска
Европската комисија денеска објави дека планира да ја затвори постапката против Полска до крајот на мај, бидејќи веќе не постои ризик од сериозно кршење на владеењето на правото.
Потпретседателката на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, изјави дека полските власти покажале решителност да ги исправат неправилностите во областа на правдата, дека признале дека има проблем во таа област, дека се подготвени да го елиминираат, дека европското законодавство има приоритет пред националното законодавство и дека се обврзале дека ќе ги спроведуваат одлуките на Судот на правдата на Европската унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, вклучително и независноста на судството.
„Мислам дека во случајот со Полска веќе нема очигледен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“, рече Јоурова и најави дека по дискусијата на состанокот на министрите за европски прашања во вторник овој месец, ќе предложи до Комисијата да ја затвори постапката.
Таа додаде дека приговор на ваквата оценка има само унгарскиот министер за правда Јанош Бока, кој обвинува дека Комисијата во овој случај се води од политички причини, а не од реални промени во полското правосудство.
Во текот на осумте години на власт, претходната полска влада предводена од националистичката партија Право и Правда спроведе низа реформи во судството, со што се доведе во прашање поделбата на власта и независноста на судството, како и слободата на медиумите. Поради ова, Полска беше блокирана од милијарди евра кои и беа наменети во европскиот буџет.
Новата полска влада предводена од премиерот Доналд Туск, која ја презеде функцијата во декември минатата година, најави дека ќе обезбеди повторно воспоставување на независноста на судството и ќе го поништи она што претходната влада го направи во таа област.
Слична постапка се води и против Унгарија, чија влада со години е во конфликт со европските институции и другите членки на ЕУ за почитување на владеењето на правото во таа земја.
Свет
Поддршката за Бајден на најниско ниво во последните две години
Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден падна на најниско ниво во речиси две години овој месец, што одговара на најнискиот процент од неговиот мандат, покажа денеска објавената анкета на Ројтерс и Ипсос.
Истражувањето покажа дека само 36 отсто од Американците го одобруваат настапот на Бајден, што е намалување од 38 отсто во април.
Ова е враќање на најниското ниво на поддршка за демократски претседател во јули 2022 година, половина година пред Бајден да се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп на изборите на 5 ноември.
Поранешниот претседател Трамп има мала предност пред актуелниот претседател во клучните држави за кои се верува дека ќе го одредат победникот.
Друга анкета на Ројтерс и Ипсос, исто така, покажа дека многу демократи не се согласуваат со одговорот на Бајден на израелската офанзива на Појасот Газа, што дополнително ги загрозува неговите изгледи на ноемвриските избори.
Европа
Илјадници бегаат од руската офанзива во регионот Харков
Во борбите за вториот по големина град во Украина досега се раселени околу 14.000 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Би-би-си.
Руските сили неодамна започнаа летна офанзива, заземајќи неколку села на североисточната граница на Украина во близина на градот Харков додека се обидуваат да ја пробијат ослабената линија на фронтот на Украина.
Регионалниот лидер на Харков изјави дека седум лица се повредени во ноќните напади на руски беспилотни летала врз градот. Во меѓувреме, најмалку едно лице загина во напад на украинско беспилотно летало над границата со Белгород, јавуваат руските медиуми.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Јарно Хабихт од СЗО рече дека 14.000 луѓе избегале од борбите во областа, но 189.000 луѓе кои останале во близина на границата со Русија се соочиле со „значителни ризици поради борбите“.
Украина сè уште контролира околу 60 отсто од Вовчанск, пограничниот град во центарот на неодамнешните борби, изјави заменик-гувернерот Роман Семенука за националната телевизија во понеделникот.
Друг украински воен функционер изјави за АФП дека борбите во Харков „остануваат тешки и динамично се менуваат“.