Свет
Виетнам има население од 95 милиони, 262 пациенти и нема смртни случаи
Кaко земја што нема смртни случаи, а бројот на заразени од коронавирус е изразен во стотици, Виетнам доби пофалби од Светската здравствена организација (СЗО) и може да послужи како пример за земја што успева да ја спречи пандемијата.
И покрај тоа што граничи со Кина, Виетнам досега ја избегнува ситуацијата што коронавирусот ја донесе во Европа и Соединетите Американски Држави преземајќи навремени и одлучувачки мерки, како што се распространето тестирање и строгиот карантин.
Според бројачот на „Џон Хопкинс“, бројот на заразени лица во Виетнам е 262, во земја во која има повеќе од 95 милиони жители.
Официјалните статистики покажуваат дека 75.000 луѓе во моментот се ставени во карантин или изолирани во Виетнам. Државата досега има спроведено повеќе од 121.000 теста.
Во таа комунистичка земја во Југоисточна Азија во моментот нема мртви од Ковид-19, а стапката на инфекција е значително пониска отколку во поразвиените Јужна Кореја, Сингапур, па дури и Тајван – пофалени за нивниот одговор на кризата.
Кидонг Парк, претставник на СЗО за Виетнам, верува дека раната акција била клучна за успехот.
„Виетнам одговори на пандемијата рано и активно. Нивната прва вежба за процена на ризикот се случи на почетокот на јануари, набргу по пријавените први случаи во Кина“, рече Парк.
Државата бргу формира Национален управен комитет за спречување и контрола на Ковид-19, кој бргу спроведе национален план за одговор на кризи, додава Парк.
Иако има мал број потврдени случаи, Виетнам исто така ја стави во карантин целата земја на 1 април, многу побргу и порешително од Велика Британија и Италија, кои тоа го сторија кога нивниот број почна да се мери во илјадници.
Владите во светот воведуваат карантини за подобро да се справат со постојните епидемии. Виетнам го стори тоа за да спречи национална криза.
Голем дел од успехот на Виетнам може да се припише на неговото социјално единство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
АП: Русија наводно развива ново оружје за уништување на сателитите „Старлинк“
Разузнавачките агенции на две членки на НАТО се сомневаат дека Русија развива ново антисателитско оружје дизајнирано да ја нападне констелацијата Старлинк на Илон Маск со деструктивни облаци од шрапнели во орбитата, со цел да ја ограничи западната вселенска супериорност што ѝ помогна на Украина на бојното поле, објавува АП њуз.
Според разузнавачките информации во кои имал увид Асошиејтед прес, таканареченото оружје со „зонски ефект“ би се обидело да ги преплави орбитите на Старлинк со стотици илјади куглици со висока густина, потенцијално онеспособувајќи повеќе сателити одеднаш, но исто така ризикувајќи катастрофална колатерална штета на други орбитални системи.
Аналитичарите кои не ги виделе извештаите изразуваат сомнеж дека таквото оружје би можело да функционира без да предизвика неконтролиран хаос во вселената за компаниите и земјите, вклучувајќи ја Русија и нејзиниот сојузник Кина, кои се потпираат на илјадници сателити во орбитата за комуникации, одбрана и други витални потреби.
Ваквите последици, вклучувајќи ги и ризиците за сопствените вселенски системи, би можеле да ја одвратат Москва од распоредување или користење на такво оружје.
Сомнежи на експертите
„Не верувам во тоа. Навистина не верувам во тоа“, рече Викторија Самсон, експерт за вселенска безбедност во фондацијата „Secure World“. „Искрено, би била многу изненадена ако направат нешто такво“.
Сепак, командантот на вселенската дивизија на канадската војска, бригаден генерал Кристофер Хорнер, рече дека таквата руска работа не може да се исклучи во светлината на претходните американски обвинувања дека Русија исто така развива неселективно нуклеарно оружје базирано во вселената.
„Не можам да кажам дека сум свесен за таков систем. Но, тоа не е неверојатно“, рече тој. „Ако извештаите за систем на нуклеарно оружје се точни и ако се подготвени да го развијат и да одат до тој степен, тогаш не би бил шокиран ако нешто малку помало од тоа, но подеднакво штетно, е во нивниот дофат на развој“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не одговори на барањата за коментар. Русија претходно повика на напори на Обединетите нации за спречување на поставување оружје во орбитата, а претседателот Владимир Путин рече дека Москва нема намера да постави нуклеарно оружје во вселената.
Старлинк како клучна закана
Според разузнавачките информации, Русија го смета Старлинк за особено сериозна закана. Илјадниците сателити во ниска орбита беа клучни за опстанокот на Украина против руската инвазија, која сега е во четвртата година.
Украинските сили ја користат брзата интернет услуга на Старлинк за комуникации на бојното поле, таргетирање на оружје и други цели, како што прават и цивилите и владините претставници каде што руските напади ги прекинаа комуникациите. Руските претставници постојано предупредуваат дека комерцијалните сателити што ѝ служат на украинската војска би можеле да бидат легитимни цели.
Регион
Србија е меѓу првите во регионот што воведува тестирање за алкохол кај летачкиот и кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година, во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа, Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината на алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење на алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа на надлежните органи.
По правило, тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка, Дирекцијата навремено ги информираше сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Хрватска: Во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска, Предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија Анте Шушњар често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

