Свет
Вирусот оров пристигна во Европа: заразениот бил на Карибите, се пренесува преку комарци или крлежи

По денга-треската, вирусот оров пристигна во Европа и првпат беше дијагностициран кај маж по потекло од Италија.
Станува збор за човек што, најверојатно, се заразил со вирусот на Карибите и несвесно го пренел кога пристигнал во Европа.
За овој случај веднаш биле информирани здравствените власти во Венето и меѓународните мониторинг-служби.
Според Институтот „Роберт Кок“, треската оропуче е една од најраспространетите арбовирусни болести во Јужна Америка. Арбовирусите се пренесуваат преку членконоги, како што се комарците или крлежите.
Дури 500.000 случаи се дијагностицирани во Јужна Америка од 1955 година, со околу 5.000 случаи во Боливија, Бразил, Колумбија, Перу и Куба во периодот од 2023 до 2024 година.
Како што пишува италијанскиот весник „Ла Ребулика“, во моментот не постои ризик од ширење на треската во Европа. Вирусот главно се пренесува преку тип на комарец што сè уште не е присутен во нашата клима.
Сè уште не е докажано директното пренесување од човек на човек.
Симптомите на треска вклучуваат висока температура, чувствителност на светлина, главоболка, општа слабост, гадење, повраќање, болки во мускулите и зглобовите.
Потребни се три до осум дена по каснувањето од инсектот за да се појават. Во ретки случаи се јавува воспаление на мозокот.
Повеќето пациенти закрепнуваат во рок од една недела, но, според надлежните, нема лекови што може да ги ублажат симптомите на треска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Првиот патнички воз без возач, пуштен во употреба во Европа

Чешка го лансираше првиот патнички воз без возач во Европа што сообраќа на отворена железничка пруга.
Автономниот воз се движи по рута од 24 километри (15 милји) на северот од земјата. За разлика од повеќето автономни возови, кои сообраќаат само во затворени системи како што се метро или аеродромски превоз, овој е дизајниран за железници во реални услови.
Возот без возач, развиен од чешката технолошка фирма AZD Praha, се вика „Едита“ и е опремен со камери, лидар, ласерски скенери, дигитално мапирање и вештачка интелигенција за контрола на влечење и сопирање и откривање на пречки.
За време на тестирањето, „Едита“ забавила поради зајак на пругата и застанала поради стадо овци, покажувајќи ја својата способност да се прилагоди на неочекувани ситуации.
Од почетокот на тест патувањето, тој превезе луѓе вкупно на околу 1.700 километри, пренесуваат медиумите во регионот.
Фото: принтскрин
Регион
Детали за пукањето во Белград: Напаѓачите дошле со комбе до кафулето и почнале да пукаат кон гостите

Репортерка на „Н1 Белград“ од Вишњичка бања, каде денеска околу 14:30 часот се случи пукање во кое пет лица беа ранети, јави дека едно комбе дошло по Сланачки пат до локалниот бар и почнало да пука по присутните.
Претходно повеќе медиуми објавија дека починала жена, но според информациите од српската полиција, петмина се повредени. „Еуроњуз“ јави дека жената била донесена во болница без знаци на живот, но спасена е со реанимација. Во моментот се наоѓа во тешка состојба.
На местото на настанот има полиција и форензичари, а полицајците ги замолиле медиумските екипи да се оддалечат бидејќи е во тек увид.
Според жителите, кафулето е познато по тоа што таму се собираат и навивачи, а во него има и простор наменет за деца.
Не е познато дали во моментот на пукањето имало деца во кафулето, но жители и очевидци изјавиле дека на автобуската станица имало голем број деца кои се уплашиле и се разбегале, и додале дека долго се чекало на пристигнувањето на итната помош.
Жителите посочиле дека последните месеци имале големи проблеми со навивачки групи, за што редовно пријавувале во полиција. Полицијата и обвинителството реагирале кога медиумите укажувале на тоа.
„За нив ова е шокантно, но не толку изненадувачко, затоа што навивачките групи одамна прават проблеми,“ јави репортерката на „Н1“.
Засега нема официјални информации за мотивот за пукањето, а српски „Телеграф“ пишува дека станува збор за пресметка меѓу навивачи.
Регион
„Се пукаше од повеќе страни, луѓето се разбегаа“: Во пукање во Белград петмина ранети

Пет лица се повредени во пукање што се случи околу 14:25 часот во белградската населба Вишњичка бања.
Според официјалните информации, повредени се тројца мажи и две жени, а пукањето се случило во угостителски објект.
Сите се хоспитализирани.
Сведок на настанот во изјава за „Нова.рс“ рекол дека напаѓачите го опколиле кафулето и дека, во моментот кога отвориле оган, настанал општ хаос, бидејќи на улицата се нашле неколку минувачи.
Сведокот, со кого новинарот разговарал на лице место, рекол дека сè се случило околу 14:30 часот, кога излегол да земе нешто од автомобилот.
„Одеднаш слушнав пукање. На почетокот не знаев што се случува, но кога видов, се сокрив. Се пукаше од повеќе страни, трчаа оддолу и од оваа страна, близу кафулето. Имаше луѓе на улица и на автобуската станица, сите избегаа“, рекол соговорникот.
„Имаше седум или осум истрели, беа поединечни.“
Сепак, рекол дека не знае што би можел да биде мотивот за ова пукање.
„Сите ние што живееме во близина седиме овде. Тука има и детска игротека, за време на викенд има многу деца. Немало проблеми од отворањето,“ додал сведокот.
Голем број полициски службеници се на местото на настанот и потрагата по напаѓачите е во тек.
Фото: колаж/нова.рс