Свет
Високите температури во Европа однесоа осум животи, температурата на континентот надминува 40 степени
Шумски пожар во Шпанија и високите температури во другите делови на Европа однесоа уште осум животи, додека температурата на континентот надминува 40 степени.
Двајца земјоделци загинаа во пожар во близина на градот Коско во Каталонија, во Италија двајца мажи починаа на плажите на Сардинија, а маж во осумдесеттите години почина од срцев застој во Џенова.
Десетгодишно американско девојче се сруши и почина за време на посетата на Версајската палата во Париз, објавува Би-би-си.
Француската министерка за еколошка транзиција, Агнес Паније-Рунаше, изјави дека во Франција се регистрирани уште два смртни случаја поврзани со топлината и дека повеќе од 300 луѓе побарале итна помош.
Во Шпанија и во Англија јуни беше најтопол откога се водат мерењата. Шпанската метеоролошка служба објави дека просечната температура од 23,6 степени минатиот месец го собори рекордот надминувајќи го нормалниот просек за јули и за август.
Франција го забележа својот втор најтопол јуни откога почнаа евиденциите во 1900 година. Јуни 2023 година беше потопол.
Топлотните бранови стануваат сè почести поради климатските промени предизвикани од човекот, според Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени.
Беше објавено дека екстремно топлото време ќе се појавува почесто и ќе станува уште поинтензивно како што планетата продолжува да се затоплува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

