Свет
Вицепремиерката на Шпанија најави дека ќе престане да ја користи социјалната мрежа Х

Потпретседателката на шпанската влада, Јоланда Дијаз, денеска изјави дека ќе престане да ја користи социјалната мрежа Х, во сопственост на милијардерот Илон Маск, поради неговото однесување во понеделникот за време на настаните поврзани со инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп.
„Нема да бидам дел од социјална мрежа заснована на употреба на алгоритми што поттикнуваат ксенофобични идеи, се спротивставуваат на човековите права и ја охрабруваат екстремната десница во светот“, изјави Јоланда Дијаз.
Таа рече дека ја донела одлуката не само поради гестовите на Маск туку и поради она што тој го кажал, пренесува „Ројтерс“.
Маск ја крена раката на начин што привлече споредби со нацистичкиот поздрав на настан поврзан со инаугурацијата на Трамп.
Неодамна, германските министерства за надворешни работи и за одбрана објавија дека ќе престанат да ја користат мрежата Х, што веќе го направија неколку универзитети во Велика Британија и Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Бајден: Јас сум одговорен за враќањето на Трамп во Белата куќа

Поранешниот американски претседател Џо Бајден изјави дека презема дел од одговорноста за реизборот на Доналд Трамп во Белата куќа. „Да, ја преземам одговорноста, бидејќи, видете, јас бев одговорен, а тој победи. Значи, знаете, ја преземам одговорноста“, рече тој за време на интервју за американската телевизиска мрежа Еј-би-си.
Бајден ги отфрли тврдењата за пад на сопствените когнитивни функции во текот на последната година од мандатот. „Тие грешат. Нема ништо што би го поткрепило тоа. Мислам дека единствената причина зошто се откажав од трката беше затоа што не сакав да имам поделена Демократска партија. Едноставно така е и затоа се откажав од трката“, нагласи Бајден.
„Мислев дека е подобро да ја ставам земјата пред моите интереси, пред моите лични интереси. Не се шегувам. Сериозен сум во врска со ова“, додаде тој.
На Бајден во интервјуто му се придружи и неговата сопруга Џил.
Европа
Москва го слави Денот на победата, бројни светски лидери пристигнаа кај Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денес ќе одржи говор на „најголемата досега“ воена парада во Москва по повод Денот на победата, со кој се одбележува победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Русија го слави Денот на победата повеќе од три години по почетокот на инвазијата на Украина, која ја напаѓа секојдневно и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине војната. Путин нареди тридневен прекин на огнот во Украина поради настанот. Но нападите продолжуваат.
Поканите за прослава на Денот на победата во Москва ги прифатиле лидерите на околу 20 земји, вклучувајќи го и кинескиот претседател Кси Џинпинг, според Кремљ. Москва не ја исклучи можноста севернокорејските војници кои ѝ помогнаа на руската армија да ги протера украинските сили од Курската област да учествуваат на парадата за прв пат.
Европската унија ги предупреди своите лидери да не одат во Москва за настанот, но словачкиот премиер Роберт Фицо одлучи да оди.
„Одам“, рече тој во видео порака објавена на социјалните мрежи вчера. „Разбирам дека се води војна“, рече тој. „Но, нема да ја мешам сегашноста со она што се случило помеѓу 1941 и 1945 година.“
Свет
Зеленски: На светот му треба Америка сега, исто како што му требаше пред 80 години

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предизвика САД да обезбедат поголема помош за постигнување прекин на огнот. На социјалната мрежа „Икс“ објави дека неговата земја е веднаш подготвена за целосен прекин на огнот.
Тој го нарекува „30 дена молк“, но нагласува дека прекинот на огнот мора да биде реален. Да нема напади со проектили или беспилотни летала.
Тој додава дека Русите мора да одговорат соодветно и да ја докажат својата подготвеност да ја прекинат војната.
„Триесет дена кои би можеле да станат почеток на години на мир. Прекинот на огнот, траен и сигурен, ќе биде вистински показател за напредокот кон мирот. Америка може да помогне во тоа. На светот му треба Америка сега, исто како што му требаше пред осумдесет години“, напиша тој.