Свет
Владата на САД делумно блокирана, договор за ѕидот на границата се уште нема
По неуспешните преговори меѓу републиканците и демократите Владата на САД од полноќ е делумно блокирана. Станува збор за спорот околу ѕидот, кој тежи пет милијарди долари, а кој треба да се постави на границата со Мексико, за кој претседателот на САД Доналд Трамп од Конгресот бара доделување на парите.
Откако не беше постигнат договор за буџетот, лидерите на Конгресот и Белата куќа ветија дека ќе ги продолжат преговорите и за време на викендот во потрага по договор, кој доколку се постигне ќе доведе до прекин на блокадата на Владата во пресрет на божиќните празници. Како што пренесува Ројтерс, Трамп во четвртокот ги притиснал републиканците Претставничкиот дом на Конгресот да го искористат законскиот предлог за краткорочно финансирање на администрацијата и преку него да ги, како што пренесува Ројтерс „протнат“ потребните пет милијарди долари за подигање на ѕидот на границата со Мексико, и покрај противењето на демократите.
Претходно Претставничкиот дом на американскиот Конгрес одобри буџет во кој е вклучено финансирање на ѕидот на границата со Мексико што го бара претседателот Доналд Трамп, но тој буџет не помина во Сенатот.
Демократите кои се против ѕидот на границата со Мексико, пред неколку дена најавија дека при гласањето во Сенатот ќе отфрлат секаков буџет во кој има негово финансирање, тие иако се малцинство во Сенатот сепак имаат доволно гласови да не го изгласаат буџетот усвоен од Претставничкиот дом.
А американскиот претседател, Доналд Трамп пак пред извесен период најави дека ќе потпише буџет само ако содржи финансирање на ѕидот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

