Европа
Властите одобрија – Русија може да го исклучи интернетот во целата земја

Руските власти овозможија правни опции за исклучување на интернетот во земјата кога со потписот на Путин контроверзниот закон стапи во сила.
Владата има намера да создаде инфраструктура за суверен интернет, кој го претстави како неопходност за одбрана од надворешни сајбер-напади.
Критичарите сметаат дека мерката е чекор кон поголема цензура.
„Државата сега првпат има целосна техничка контрола над интернетот“, рече рускиот кибернетичар, Александар Исавнин, од непрофитната организација против цензура „Роскомсвобода“, за ДПА.
Додека претходно интернет-провајдерите работеа под услови на слободен пазар, сега државата може да врши директна контрола, вели Исавнин.
Рускиот интернет-сообраќај ќе се пренесува преку центри во земјата, чија инфраструктура допрва треба да се изгради. Интернет-провајдерите мора да инсталираат опрема неопходна за успешна транзиција.
Многубројни веб-страници на опозицијата веќе се блокирани во Русија, пренесува хрватски „Индекс“. Илјадници луѓе протестираа против законот што во мај го потпиша претседателот Владимир Путин.
Дмитриј Песков, портпарол на Путин, тврди дека Русија не сака да се исклучи од интернет, туку се подготвува за можноста Западот да ја исклучи, при што ќе има своја внатрешна мережа, која веќе се нарекува „Рунет“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.