Европа
Воената операција може да заврши за пет дена, сметаат руски експерти

Руските вооружени сили можат да ја завршат операцијата за поддршка на Народните републики Луганск и Донецк за пет дена, сметаат руски експерти.
„Потребно е многу време за големи акции надвор од големите градови. Судејќи според она што се случува сега, истокот, центарот, југот може да се ослободат. Најверојатно ќе се изгради коридор за Придњестровје“, вели Дмитриј Абзалов, претседател на Центарот за стратешки комуникации.
Тој објаснува дека тогаш би можеле да почнат преговорите за признавање на републиките и изменетите граници, иако додава дека тоа е малку веројатно.
„Рано е да се погоди за што се работи, ситуацијата се менува пред нашите очи“, предупредува тој.
Василиј Кашин, директор на Центарот за сеопфатни европски и меѓународни студии на Националниот истражувачки универзитет на Вишата школа за економија, вели дека напредокот е забележлив во Донбас и во регионот Харков.
„Потребен е маневар надвор од Донбас за да се опкружат силите што ги има Украина на исток и да се елиминираат. Најподготвените украински сили дејствуваат во Донбас и се добро утврдени таму. Во моментов немаме објективни податоци за проценка на размерите на она што се случува. Може да се претпостави дека брзото напредување ќе биде надвор од Донбас, каде што густината и квалитетот на трупите се помали“, објасни тој.
Според резултатите од првиот ден од специјалната воена операција, сите задачи доделени на руските групи се завршени, соопшти претходно Министерството за одбрана на Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин