Свет
Военото присуство на САД во Европа нема да трае вечно, вели Пит Хегсет
Европските земји мора да инвестираат во одбраната сега бидејќи не може да се очекува американското присуство на континентот да трае вечно, изјави денеска американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, за време на посетата на Варшава.
Посочувајќи ја Полска, која планира да потроши 4,7 отсто од својот БДП за одбрана оваа година, како пример, Хегсет го повтори барањето на Вашингтон европските сојузници на НАТО да сносат поголем финансиски товар за сопствената безбедност.
„Она што ќе се случи за 5, 10 или 15 години е дел од поголема дискусија што го одразува нивото на закана, позицијата на Америка, нашите потреби во светот, но, уште поважно, способноста на европските земји да ги зголемат трошоците“, рече Хегсет на прес-конференција.
„И затоа нашата порака до нашите европски сојузници е толку силна. Сега е време да се инвестира затоа што не може да се претпостави дека американското присуство ќе трае вечно“.
По неговата изјава на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, на кој ја предупреди Европа да не го третира Вашингтон како будала која на крајот е одговорна за европската безбедност, тој рече дека Вашингтон се соочува со многу закани, вклучително и Кина.
Хегсет во средата рече дека враќањето на Украина на нејзините граници пред 2014 година не е реално и дека администрацијата на Трамп не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението за војната против Русија, што предизвика бес во Европа.
Неговите критичари веруваат дека на тој начин САД ѝ попуштиле на Русија уште пред почетокот на мировните преговори нарекувајќи го тоа голема победа за рускиот претседател Владимир Путин.
Во своја одбрана Хегсет рече дека со тоа ја признава реалноста на теренот и ја остава отворена вратата за американските потези во преговорите, што може да се гледаат како отстапки, вклучително и за прашања, како што се американската воена помош за Украина и американското воено присуство во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.
Свет
Зеленски: Путин веќе ја почна Третата светска војна
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот лидер Владимир Путин „веќе ја започнал Третата светска војна“ и дека единствениот одговор на тоа е силен воен и економски притисок врз Москва.
Во интервју за Би-Би-Си, дадено во Киев во пресрет на четиригодишнината од почетокот на руската инвазија, Зеленски рече дека верува оти конфликтот има пошироки глобални последици.
„Верувам дека Путин веќе ја започнал. Прашањето е колку територии ќе може да заземе и како да го запреме…“, изјави Зеленски за Би-Би-Си.
Според него, Русија се обидува да наметне поинаков начин на живот и да ги промени изборите што луѓето ги направиле.
„Русија сака да му наметне на светот поинаков начин на живот и да ги промени животите што луѓето ги избрале“, рече украинскиот претседател.
Зеленски истакна дека, според него, единствениот одговор е „силен воен и економски притисок“ за Путин да биде принуден да се повлече.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

