Свет
Воен аналитичар: Израел може да го искорени Хамас само на еден начин
Воениот аналитичар Маринко Огорец за хрватската Н1 ги коментира ситуацијата на Блискиот Исток и четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас, кое стапи во сила утрово.
„Тоа примирје може да биде чекор кон стабилизација на таа област доколку тоа, воопшто, е можно“, рече Огорец.
Израел на самиот почеток на своите операции изјави дека сака да го искорени Хамас, но се уште се разговара која е крајната цел на Израел и дали е навистина можно целосно да се уништи Хамас.
„Ќе биде многу тешко да се уништи Хамас. Видовме како цивилите од Газа се гордеат што дале добар отпор, тие се горди на луѓето што се бореле. Идејата што Хамас ја посеал е тешко да се искорени. Можете да ги убиете луѓето што го сочинуваат Хамас сега, но ќе дојдат други“, тврди тој.
Огорец наведува дека искоренувањето на Хамас е практично невозможно. „Тогаш би морале да го убијат целиот народ, сите Палестинци во таа област“. Сепак, тој наведува дека Израел му нанел голем удар на Хамас, особено со влегувањето во тунелите, на кои Хамас многу се потпирал.
Тој додава дека посредувањето на Катар во оваа ситуација било доста успешно. „Израел го смета Хамас за терористичка организација и нема преговори со терористите. Катар одигра квалитетна улога и верувам дека тивката дипломатија дури сега почнува да работи со полна брзина. Мислам на сите актери вклучени во преговорите. САД се вклучени во тоа, веројатно да. Има повеќе актери и важно е овие преговори да останат тивки и да ги решат проблемите“.
Тој се осврна и на летоците што беа пуштени во Газа во пресрет на примирјето, а кои беа порака до Палестинците да не се враќаат во своите домови на север. Сепак, Огорец не верува дека таквата порака сугерира дека Израел сака да го окупира тој дел од енклавата.
„Не гледам дека би било во интерес на Израел да го окупира тој дел од Газа. Тоа не би имало ни добар одговор во меѓународната заедница. Тоа некако би го дискредитирало сето она што досега го постигнале во оваа операција“, вели воениот аналитичар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.