Европа
Возачи на камиони блокираа улици низ цела Франција, судири со полицијата во Париз

Возачи на камиони денеска блокираа патишта во десетина региони низ Франција, изразувајќи на тој начин незадоволство од планираното намалување на даночните олеснувања за дизел горивото за патен превоз, додека сообраќајот на возовите и подземната железница и натаму е нарушен поради штрајкот за пензиската реформа.
Во Париз дојде до судири со полицијата на левиот брег од Сена бидејќи неколку стотици припадници на Жолтите елеци продолжија со своите неделни протести, но во споредба со претходните штрајкови, денеска се собраа релативно малку учесници зошто сообраќајниот штрајк го отежна нивното доаѓање во главниот француски град.
Притисокот од Жолтите елеци поради зголемените трошоци за живот и протестите на синдикатите во врска со пензиската реформа се најголемиот предизвик за претседателот Емануел Макрон и заложбите што тој ги прави за да се избалансира државниот буџет и да се воведе еколошки поприфатлива законска регулатива во втората половина на неговиот мандат.
Здружението „Отре“, се спротивставува на зголемувањето на даноците за дизелот за комерцијални возила, како дел од владиниот предлог-буџет за 2020 година.
Оваа организација се жали дека странските возачи на камиони дома можат да купат поевтино гориво, што им овозможува да бидат поефикасни во Франција.
Во нацрт-буџетот за 2020 година, владата планира постепено да ги намалува даночните олеснувања за горивата на товарните возила меѓу 1 јули 2020 година и 1 јануари 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Студент со секира упаднал во универзитет во Варшава, убил вработена

Жена е убиена со секира на универзитет во Варшава, соопштија полските власти. Инцидентот се случил вчера околу 18:40 часот. по локално време кога млад човек вооружен со секира нападнал луѓе на кампусот.
Портпаролот на канцеларијата на окружниот обвинител изјави дека еден административен службеник на универзитетот бил убиен на местото на настанот. Обезбедувачот бил префрлен во болница во критична состојба.
Варшавската полиција потврди дека привела 22-годишен Полјак. Според информациите, станува збор за студент.
Ректорот на универзитетот изјави дека четврток ќе биде ден на жалост во институцијата, нарекувајќи го нападот „огромна трагедија“. „Изразуваме голема тага и сочувство до семејството и најблиските“, се вели во соопштението на ректорот.
Европа
Зеленски: „Украина стои зад својата понуда за 30-дневен прекин на огнот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина стои зад својот предлог за 30-дневен прекин на огнот со Русија, иако официјална Москва не одговорила на понудата.
„Понудата на Украина за прекин на непријателствата и воспоставување прекин на огнот од најмалку 30 дена останува на сила. Ние не го повлекуваме овој предлог, кој би можел да ѝ даде шанса на дипломатијата“, рече Зеленски во редовното вечерно обраќање на платформата Икс.
Тој додаде дека „апсолутно е фер што руското небо, небото на агресорот, денес не е мирно“, признавајќи дека Украина извршува напади со беспилотни летала врз цели на територијата на Руската Федерација, според Ројтерс.
Зеленски зборуваше неколку часа пред да стапи во сила тридневниот прекин на огнот предложен од Русија за одбележување на годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Европа
Кардиналите влегуваат во конклавата попладнево, се избира нов папа

133 кардинални електори ќе влезат во Сикстинската капела денес попладне и зад заклучени врати, целосно изолирани од надворешниот свет, ќе го почнат тајниот избор на новиот поглавар на Римокатоличката црква.
Конклавите се состаноци на кардиналското собрание на Римокатоличката црква со цел избор на нов епископ на Рим, односно папа, и се најстариот метод за избор на поглавар на институција во светот. Конклавите (од латинскиот cum clave – со клуч) во форма слична на денешната беа основани во 1274 година со декрет на папата Григориј X.
Поттикнат од долгата историја на политичко мешање во изборот на папи и долгите периоди на седисваканција (слободно место на римскиот епископ), тој одлучил дека кардиналските изборници мора да се изолираат, да се заклучат и да не им биде дозволено да заминат додека не изберат нов поглавар.
Папата Павле VI во 1970 година пропиша дека само кардинали помлади од 80 години може да учествуваат на конклави, а тие мора да се свикаат не порано од 15 и не подоцна од 20 дена по смртта на папата или неговото откажување од функцијата. За избор на нов папа потребни се две третини од гласовите и негова согласност.
Од 1846 година конклавите без исклучок се одржуваат во Сикстинската капела, најпознатата од капелите на Апостолската палата, позната по својата архитектура и фрески од ренесансните мајстори Микеланџело, Ботичели и други на ѕидовите и на таванот. Кардиналите гласаат во Сикстинската капела за време на конклавите, но се сместени во блискиот Дом на Света Марта за време на нивното траење.
За време на конклавата, сите радио-, телевизиски и телефонски врски се прекинати бидејќи кардиналите мора да бидат изолирани од надворешниот свет и од можните влијанија врз нивните одлуки.
На првиот ден од конклавата кардиналите гласаат само еднаш, а во следните денови двапати наутро и двапати попладне. Доколку нема резултати и по три дена, гласањето се одложува за максимум еден ден, кој е посветен на молитва, состаноци, размислување и духовна обнова. Оваа постапка се повторува ако има седум нови круга на гласање, без избор на папа.
Во првиот круг се подготвуваат и дистрибуираат гласачки ливчиња, а имињата на деветте кардинали што ќе учествуваат во процесот се извлекуваат со ждрепка. Тројца се бројачи на гласови, тројца се infirmari (задолжени за собирање гласови од болни кардинали) и тројца се ревизори.
Гласачките ливчиња се правоаголни, со зборовите Eligo in Summum Pontificem („За врховен свештеник го избирам“) напишани на врвот, а на дното има простор за името, кое мора да биде јасно напишано со печатни букви.
Кардиналите ги оставаат гласачките ливчиња во посебен сад во облик на урна поставен во олтарот на Сикстинската капела.
Кога сите кардинали ќе завршат со гласањето, бројачите првин проверуваат дали бројот на гласачки ливчиња е еднаков на бројот на избирачи. Ако тоа е во ред, продолжуваме со броење на гласовите. Првите два бројача го читаат името тивко, а третиот го чита на глас, а потоа со игла го прободува зборот eligo на хартијата за да се избегне двојно броење. Ревизорите контролираат сè.
Употребените гласачки ливчиња се горат по единственото гласање на првиот ден од конклавата, а потоа по секои два завршени круга гласање (наутро и попладне) во наредните денови. Меѓутоа, ако папата е избран, гласачките ливчиња веднаш се горат (како во случајот со Бенедикт XVI, кој беше избран на првото попладневно гласање на вториот ден од конклавата).
За оваа пригода, во Сикстинската капела се инсталирани специјална печка, како и оџак. За да се информира јавноста на плоштадот Свети Петар и од целиот свет дали папата е избран, при горењето на гласачките ливчиња се додаваат специјални хемикалии, кои го претвораат чадот во црн (доколку не се постигне двотретинско мнозинство) или бел (доколку папата е избран).