Свет
Возач во трка во Teксас изгуби контрола и удри во гледачите – загинаа две деца, а осум се повредени
Две момчиња загинаа, а осум лица се повредени кога возач изгуби контрола за време на мото трка во Тексас на пистата на аеродромот и удри во гледачите, соопштија властите.
Шестгодишно и осумгодишно момче загинаа вчера попладне, на настан наречен „Аеродромски војни 2“ на аеродромот во округот Кервил-Кер, соопшти полицијата, пренесе АП.
Настанот го следеа илјадници луѓе, а возачите се тркаа по пистата натпреварувајќи се за парична награда.
Возачот изгубил контрола и излетал од пистата, удирајќи во паркирани возила и гледачи кои ги следеле трките. Повредените биле пренесени во различни болници, меѓу кои и 46-годишна жена која била во критична состојба.
Се верува дека повеќето од другите повредени не добиле повреди опасни по живот, иако состојбата на 26-годишен маж е непозната, соопштија властите.
Во болница превентивно се пренесени четиригодишно момче и тримесечно девојче.
Властите не го соопштија идентитетот на двете деца кои беа убиени во инцидентот што се случи на околу 97 километри северозападно од Сан Антонио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

