Свет
Володин: Изолирајте го лудиот Бајден пред да почне светска војна
Претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, изјави дека лудиот претседател на САД, Џозеф Бајден, мора да биде изолиран додека не почне светска војна.
„Бајден изјави дека на човештвото му треба нов светски поредок и дека САД може да го изградат. Така тој се согласи дека поредокот заснован на американските правила – е надминат“, напиша Володин на својот канал на „Телеграм“.
Рускиот функционер додаде дека обидите за преобликување на светот, кој стана мултиполарен, според американскиот модел, ќе доведат до глобална катастрофа.
„Лудиот Бајден мора да биде изолиран пред да почне светска војна“, додаде Володин.
Како што рече, американскиот претседател требало да признае дека Вашингтон, обидувајќи се да ја зачува својата хегемонија, само нанел штета.
„Трговските војни ги прекинаа воспоставените економски синџири, има длабока криза во ЕУ, растат тензиите околу Тајван, како и околу Украина и Блискиот Исток – сите овие проблеми се последица на владеењето на Бајден“, рече претседателот на Думата.
Според него, во бизнисот никој повторно нема да му ги довери своите пари некому што претходно банкротирал, а тоа важи и во политиката: никој во светот нема да се согласи со тоа дека Бајден и САД, кои го уништија глобалното безбедносниот систем, градат нов светски поредок во согласност со нивните интереси.
Володин исто така истакна дека речиси 80 отсто од населението на планетата верува дека односите треба да се развиваат врз принципите на заемно корисна соработка, почитување и немешање во внатрешните работи и без двојни стандарди, пренесува „Спутник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

