Свет
Вонбрачната ќерка на поранешниот белгиски крал Алберт Втори доби право да се нарекува принцеза
Вонбрачната ќерка на поранешниот белгиски крал Алберт Втори во четвртокот победи во седумгодишна битка за своите кралски права – и сега може официјално да се нарече принцеза, пренесува „Њујорк пост“.
Делфин Боел сега може да се нарекува Делфин од Саксен-Кобург-Гота, принцеза на Белгија, откако Апелацискиот суд во Брисел пресуди дека има право на истите кралски титули и привилегии како и трите други деца на татко ѝ.
„Законската победа никогаш нема да ја замени татковската љубов, но дава чувство на правда“, рече Боел во изјавата објавена преку нејзините адвокати.
52-годишната уметница тврдеше дека Алберт е нејзин вистински татко две децении пред да им се обрати на судовите за утврдување на татковството во 2013 година – годината кога тој се откажа од престолот и го загуби законскиот имунитет поради нејзините тврдења.
Поранешниот монарх ја отфрлаше Боел како негова ќерка до јануари кога се согласи да направи ДНК-тест по налог на судот и под закана од казна од 5.000 евра за секој ден што ќе го одбива тестот. Неговите адвокати рекоа дека научните заклучоци покажуваат дека тој е биолошки татко на Делфин Боел.
Боел тврдеше дека нејзината аристократска мајка Сибил де Селис Лонгшамп имала врска со Алберт помеѓу 1966 и 1984 година. Шпекулациите за скандалот со татковството првпат се појавија во неовластена биографија за сопругата на Алберт, кралицата Паола, во 1999 година.
Алберт ги призна брачните проблеми со Паола во 70-тите години на минатиот век, но никогаш не призна дека имал вонбрачна врска. Поранешниот крал, чиј син Филип сега е крал, сè уште има право да поднесе жалба на судската одлука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

