Свет
Во Америка измерени -77 степени, 100 милиони луѓе погодени од ледениот бран
Континенталниот дел на САД го погоди најстудениот ветер некогаш забележан и температура од минус 77 степени Целзиусови во Њу Хемпшир, објави метеоролошката служба, додека речиси 100 милиони луѓе во Северна Америка се под товарот на арктичкиот студ, пренесе Би-Би-Си.
Американската национална метеоролошка служба објави дека ледените налети на ветерот на планината Вашингтон во Њу Хемпшир во петокот предизвикале студ од минус 77 степени Целзиусови, што е најниската температура досега забележана на таа планина, пренесува Танјуг.
Речиси 100 милиони луѓе низ североисточниот дел на САД и Канада се погодени од екстремно ниски температури, а властите предупредуваат дека смрзнатини може да настанат за помалку од 10 минути.
Властите ги повикаа жителите од Манитоба, Канада до Мејн, САД, да го ограничат времето поминато на отворено до сабота. Комбинираниот ефект на ветер и студ се очекува да донесе најниски температури од 1980-тите во Мејн, Нова Англија, како и во Квебек и делови од источна Канада.
Во Бостон беше прогласена вонредна состојба поради студот, а државните училишта беа затворени.
Ниските температури ги зафатија и среднозападните американски држави Мичиген, Висконсин, Индијана, Илиноис и Охајо.
Екстремно ниски температури погодија и делови од Канада: поголемиот дел од Квебек и цела Онтарио, како и делови од Манитоба, а Торонто во петокот забележа температура од минус 29 степени Целзиусови.
Падот на температурите беше предизвикан од силниот арктички фронт што се протега од канадските поморски провинции до централните делови на САД. Најмалку 11 лица загинаа во невремето во јужниот дел на САД од понеделникот.
Имаше осум смртни случаи во Тексас, две во Оклахома и еден во Арканзас. Повеќе од 250.000 луѓе останаа без струја во петокот вечерта во Тексас, Арканзас, Мисисипи, Тенеси и Њујорк,пренесе Телеграф.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина бара поголема поддршка од Г7
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, денес во Отава ги повика партнерите од Г7 да ја зголемат поддршката за Украина, да инвестираат во нејзината одбранбена индустрија и да го оневозможат продолжувањето на војната за Русија.
„Исклучително е важно да се зајакне поддршката за Украина и да се зголеми притисокот врз Русија. Мораме да ја направиме цената на продолжувањето на војната неподнослива и опасна за рускиот претседател Владимир Путин и неговиот режим. Доволен притисок ќе ја принуди Русија да ја заврши војната“, рече Сибиха на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Отава, пренесува Укринформ.
Тој оцени дека Путин „сè уште има илузија дека може да победи, иако во реалноста изгуби над милион војници и не постигна никаква стратешка цел“.
Сибиха ги повика земјите од Г7 да ги зголемат инвестициите во украинското производство на ракети и беспилотни летала, воздушна одбрана и муниција.
Тој нагласи дека поморската и енергетската безбедност се приоритетни прашања.
„Стабилноста на Украина на море е дел од заедничката стабилност од Атлантикот до Индо-пацифичкиот регион“, нагласи шефот на украинската дипломатија.
Сибиха е во посета на Канада, каде што учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум на покана на канадската колешка Анита Ананд.
Фото: принтскрин
Свет
Песков: Москва гледа дека Европа се подготвува за војна со Русија
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес изјави дека Москва гледа дека Европа се подготвува за војна со Русија.
„Москва отсекогаш ја разбирала опасноста дека Европа се подготвува за војна со Русија и сите безбедносни мерки се преземени однапред“, рече Песков во интервју за весникот „Лајф“, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека зголемувањето на воените буџети на европските земји води до преоптоварување на нивните економии.
„Европските земји се залагаат за понатамошно зголемување на нивните воени буџети, дури и ако тоа ги уништува нивните економии. Ова води до економско преоптоварување и потоа ќе има посериозни последици на среден рок“, рече Песков.
Како што изјави, Москва ја дели оценката на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека Европа јасно се подготвува за војна со Русија.
„Визијата на Москва се совпаѓа со онаа на Белград и силните промилитаристички чувства навистина преовладуваат во Европа“, додаде портпаролот на рускиот лидер.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан до Брисел; „Нема да дадеме ниту една пара на мигрантите“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека земјата нема да го спроведе пактот за миграција на Европската Унија „сè додека има национална, патриотска влада“.
„Брисел издаде наредба. Пактот за миграција се активира. Би сакал да бидам јасен еднаш засекогаш: сè додека Унгарија има патриотска влада, нема да го спроведеме пактот за миграција“, рече Орбан во видео порака објавена на Фејсбук, објави MTI.
Тој нагласи дека Унгарија нема да прифаќа мигранти и нема да им даде ниту една пара.
Пактот за миграција и азил е збир на правила на ЕУ што треба да почнат да се применуваат од јуни 2026 година, а неговата цел е да се создадат ефикасни и униформни процедури за управување со пристигнувањата, да се обезбеди фер распределба на товарот меѓу земјите-членки и да се воспостави солидарност, а во исто време да се заштитат основните права на мигрантите.
Фото: принтскрин

