Свет
Во Белорусија почна судењето за Бјаљацки -добитникот на Нобеловата награда за мир, му се заканува затворска казна до 12 години
Во Белорусија денеска почна судењето на добитникот на Нобеловата награда за мир Алес Бјаљацки. Нему му се заканува затворска казна до 12 години во случајот за кој неговите соработници тврдат дека е политички мотивиран поради неговото застапување за човекови права.
60-годишниот ко-основач на групата за човекови права „Виасна“ и уште двајца претставници на групата кои исто така се појавија на суд се изјаснија за невини. Бјаљацки е еден од најистакнатите Белоруси затворени за време на насилното задушување на антивладините протести што започнаа во летото 2020 година.
Тој ја доби Нобеловата награда за мир заедно со руската група за човекови права Меморијал и Украинскиот центар за граѓански слободи во октомври минатата година, а беше уапсен во 2021 година заедно со двајца соработници од „Виасна“.
Ним им се заканува затворска казна од седум до 12 години под обвинение за финансирање протести и перење пари. Бјаљацки јавно не ги коментираше наводите, а на неговиот адвокат му е забрането да објавува информации за случајот. На телевизиските снимки од судницата се гледаат тројца мажи како седат на клупи во метален кафез, со лисици и молчат.
„Виасна“ на Твитер објави дека судијата одбил судењето наместо на руски да го води на белоруски и го одбил барањето на Бјаљацки за преведувач. Исто така, барањето за симнување на лисиците не е разгледано и барањето на адвокатот за ослободување од притвор е одбиено.
Пред судницата се појавија триесетина луѓе, меѓу кои и западни дипломати, но на повеќето не им беше дозволен влез.
„Виасна“ презеде водечка улога во обезбедувањето правна и финансиска помош за стотици Белоруси затворени за време на масовните протести, откако Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, извојува убедлива победа на спорните избори во 2020 година.
„Обвиненијата против нашите колеги се поврзани со нивниот активизам за човекови права и помош на центарот за човекови права и жртвите на политички мотивираниот прогон“, рече групата за случајот.
Бјаљацки и неговите колеги беа етикетирани како „политички затвореници“ од бранителите на човековите права. Тие проценуваат дека во белоруските затвори има околу 1.500 политички затвореници. Околу 50.000 луѓе се приведени поради учество во протести или критикување на владата од 2020 година, додаваат тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина се противи на конфискацијата на замрзнатиот руски имот
Кина е против какви било еднострани дејства што го кршат меѓународното право и не се одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, коментирајќи ја ситуацијата во врска со конфискацијата на замрзнатите руски средства.
Гуо изјави за „Спутник“ дека сите страни треба да создадат позитивна атмосфера и позитивни услови за решавање на украинската криза, а не обратно.
Тој истакна дека Кина води независна и мирна надворешна политика и дека нејзината позиција во врска со украинскиот конфликт е конзистентна и јасна, односно дека ги поддржува сите напори насочени кон постигнување фер, траен мировен договор што е можно побргу преку дијалог и преговори.
На 12 декември Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на руските средства.
Европската комисија очекува дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра замрзнати руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани во Euroclear во Белгија.
Белгија се спротивставува на конфискацијата и бара од земјите членки на ЕУ гаранции дека земјите ќе го споделат ризикот во случај на последици од таков потег.
ЕУ ѝ понуди на Белгија три гаранции во врска со конфискацијата на руски средства со цел да ја поддржи Украина, но белгиските власти сметаат дека тоа не е доволно за земјата да се одлучи за таков чекор, објави „Политико“, пренесува „Танјуг“.
Во меѓувреме, Централната банка на Русија поднесе тужба против Euroclear за сума од речиси 193 милијарди евра поради обидот на Европската Унија да заплени замрзнати руски средства.
Фото: депозитфотос
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Свет
Фон дер Лајен: Обврска на Европа е да биде одговорна за сопствената безбедност
Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова повеќе не е опција. Тоа е обврска“, изјави Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, објави „Ројтерс“.
Таа објави дека Европа „не може да си дозволи да им одобри на другите да го дефинираат нејзиниот поглед на светот“.
Таа исто така додаде дека иако стратегијата за национална безбедност на САД е точна кога вели дека уделот на Европа во глобалниот БДП се намалува, САД исто така, како што изјави таа, се на истиот пат.
Во новата стратегија за безбедност на САД, што неодамна беше објавена, европските земји се опишани како ослабени сили што го отстапиле својот суверенитет на Европската Унија.
Во документот Европа е повикана и да преземе одговорност за сопствената одбрана, пренесува „Танјуг“.
Фото: депозитфотос

