Свет
Во близина на Тунис потона уште еден брод со мигранти, најмалку 19 жртви
Најмалку 19 мигранти од субсахарска Африка се удавија во близина на брегот на Тунис кога се преврте чамецот со кој се обиделе да го преминат Средоземното Море за Италија, изјави денеска претставник на невладина организација.
Во последните четири дена, пет чамци со мигранти потонале во близина на Сфакс, на југот на Тунис, а во овие несреќи исчезнале 67 лица, а девет загинале, јавува Ројтерс.
Туниската крајбрежна стража објави дека во последните четири дена пресретнала околу 80 чамци на пат кон Италија и привела повеќе од 3.000 мигранти, главно од субсахарски африкански земји.
Ромадан бен Омар од Форумот за социјални и економски права (FTDES) денеска изјави за Ројтерс дека туниската крајбрежна стража спасила пет лица од брод што се превртел во близина на брегот на Махдија и дека овие мигранти го започнале патувањето од Сфакс.
Брегот на Сфакс стана главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштија и конфликти во Африка и на Блискиот Исток, во потрага по подобар живот во Европа.
Според податоците на ОН, најмалку 12.000 мигранти кои влегле во Италија годинава дошле од Тунис, додека 1.300 мигранти дошле од таа земја во 2022 година.
Претходно, најголем број мигранти во Италија пристигнуваа од Либија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Генералното собрание на ОН би требало да ја поддржи кандидатурата на Палестина за членство
Генералното собрание на Обединетите нации денеска треба да ја поддржи палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН со тоа што ќе ја признае како квалификувана за членство и ќе го испрати барањето назад до Советот за безбедност на ОН „да го преиспита прашањето во корист на Палестинците“.
Палестинците ја оживуваат својата кандидатура за полноправно членство во ОН, кое декларативно би ја признало палестинската држава, откако САД ставија вето во 15-члениот Совет за безбедност на ОН минатиот месец.
Гласањето на Генералното собрание од 193 члена се смета за испитување на светското мислење за палестинското прашање. Барањето за полноправно членство во ОН прво мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа и од Генералното собрание.
Но, иако самото Генерално собрание не може да даде полноправно членство во ОН, нацрт-резолуцијата за која се гласа денеска ќе им даде на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но тие нема да имаат право на глас во телото.
Дипломатите велат дека нацрт-текстот најверојатно ќе ја добие поддршката потребна за усвојување.
Свет
Двајца скијачи загинаа во лавина во САД, третиот успеал да се ископа од снегот
Откако вчера започна лавина во планините покрај Солт Лејк Сити, Јута, двајца скијачи загинаа, додека властите успеаја да спасат трет со хеликоптер.
Несреќата се случила во близина на Лон Пик, каде неодамна паднаа над 76 сантиметри снег. Центарот за лавина во Јута (UAC) ја потврди смртта на двајца мажи. Спасувачите досега не можеа да стигнат до нивните тела поради небезбедни услови. Центарот наведува дека фаталните лавини се ретки во овој период од годината.
Спасувачите со хеликоптер стигнале на местото на несреќата во кањонот Литл Котонвуд и потврдиле дека двајца скијачи загинале, пишува Би-би-си.
Третиот скијач успеал да се ископа од лавината и бил пренесен во болница. Имињата на загинатите мажи се уште не се објавени, но станува збор за скијачи на возраст од 23 и 32 години. Едниот бил од Јута, додека другиот пристигнал да скија од друга американска држава.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.