Свет
Во Ватиканската библиотека откриен фрагмент од Библијата избришан пред 1.500 години
Австриски научник дошол до неверојатно откритие во Ватиканската библиотека – ново поглавје од Библијата во превод на класичен сириски јазик, кое било избришано пред повеќе од 1.500 години, пренесува „Њујорк пост“.
Григори Кесел, експерт за средновековието од Австриската академија на науките, го открил избришаниот фрагмент благодарение на користењето ултравиолетово светло при анализата на ракописот и на своето длабоко познавање на старите сириски текстови и карактеристиките на писмото.
Кесел го открил тексот како трет слој на ракопис, т.е. двоен палимпсест.
Фрагментот е досега единствениот познат остаток од четвртиот ракопис, што ја потврдува класичната сириска верзија и нуди уникатен увид во најраната фаза од историјата на текстуалното пренесување на евангелијата.
„Ова откритие докажува колку продуктивна и важна може да биде интеракцијата помеѓу модерните дигитални технологии и фундаменталните истражувања кога станува збор за средновековни ракописи“, рече Клаудија Рап, директорка на Институтот за средновековни истражувања при Австриската академија на науките.
Древниот текст, кој датира од 3 век, ги содржи 11. и 12. поглавје од Евангелието по Матеј – едно од четирите евангелија од Новиот завет на Библијата – и претставува еден од најраните преводи на тоа евангелие.
Текстовите од Новиот завет се напишани во годините по Исусовото распнување.
Текстот бил избришан во 6 век, а преку него бил напишан друг текст. Скриениот текст го избришал писар во Палестина, што било вообичаена практика во тоа време зашто пергаментот бил редок, па често биле бришени ракописи за повторна употреба на пергаментот.
Овој текст бил напишан најмалку еден век пред најстарите грчки ракописи што преживеале низ вековите вклучувајќи го и Синајскиот ракопис (Codex Sinaiticus).
Кесел сега успеал да ги открие избришаните зборови, а неговите откритија се објавени во списанието „Њу тестамент стадис“.
„Традицијата на сириското христијанство познава неколку преводи на Стариот и Новиот завет, а до неодамна се знаеше дека само два ракописа содржат старосириски првод на евангелијата“, вели Кесел.
Еден од ракописите сега се чува во Британската библиотека во Лондон, вториот е откриен како палимпсест во манастирот „Света Катерина“ на планината Синај, а неодамна беа откриени и фрагменти од трет ракопис во рамките на проектот „Синајски палимпсести“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

