Свет
Нетанјаху им забрани на Евреите да одат на Ридот на храмовите до крајот на рамазан
Од денеска до крајот на месецот на рамазан, кој треба да заврши кон крајот на следната недела, Ридот на храмовите ќе биде затворен за Евреите, одлучи во вторникот попладне израескиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесува „Џерусалем пост“.
Нетанјаху ја донесе одлуката и покрај жестокото противење на министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, и релативно мирната ситуација на светото место во последните денови.
„Одлуката за затворање на Ридот на храмовите за еврејските посетители е сериозна грешка што нема да донесе спокој во регионот. Тоа може само да ја ескалира ситуацијата“, истакна Бен-Гвир во директен напад на Нетанјаху.
Според израелскиот министер за национална безбедност, отсуството на Евреи на Ридот на храмовите автоматски ќе доведе до намалување на полициското присуство таму, што ќе создаде плодна почва за поттикнувачки повици за убиства на Евреи.
„Кога теророт напаѓа, треба да се одговори силно наместо да се подлегне на неговите каприци“, нагласи Бен-Гвир.
Нтанјаху ја донел одлуката по едногласната препорака на министерот за одбрана Јоав Галант, командантот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Херци Халеви, шефот на Шин Бет, Ронен Бар, и од началникот на израелската полиција, Коби Шабтаи.
Непосредно пред објавувањето на одлуката, движењето Хамас ги повика Палестинците да се упатат кон џамијата „Ал Акса“ и да останат таму преку ноќ предупредувајќи го во исто време Израел „да не прави каков било глупав чин против ‘Ал Акса’“.
И покрај заканите за насилство од Хамас и другите палестински терористички групи, 748 Евреи го посетиле Ридот на храмовите во вторникот наутро, без никакви невообичаени инциденти или насилство исто како и во претходните два дена.
Вкупно 3.013 Евреи го посетиле Ридот на храмовите во деновите на славење на Песах (Пасха) оваа година, што за 32 % повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Од 2013 година Ридот на храмовите е затворен за Евреите најмалку шест од последните 10 дена од рамазан вклучувајќи ги петок и сабота кога е затворен за Евреи во текот на целата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Авион се судри со јато птици во Мумбаи
Авионот на авиокомпанијата “Емирати” безбедно слета во Мумбаи, бидејќи непосредно пред слетувањето се судри со јато фламинга. Десетици птици загинаа од ударот на авионот, соопшти авиокомпанијата.
Боинг 777 кој летал на релација Дубаи-Мумбаи се судрил со јато фламинга, а се проценува дека имало околу 300.
Како што потврди портпаролот на компанијата „Емирати“ за Ројтерс, авионот слетал безбедно и сите патници се добро, пренесува РТС.
„Во инцидентот е оштетен авионот. Повратниот лет на овој авион кој требаше да лета за Дубаи е откажан“, изјави портпаролот на компанијата.
Европа
Лидерот на опозицијата во Британија: Изборите се шанса да се стави крај на хаосот на владата на Сунак
Кир Стармер, лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, денеска изјави дека националните избори во јули ќе и дадат шанса на земјата да стави крај на хаосот на конзервативната влада на британскиот премиер Риши Сунак.
„Време е за промени“, им рече Стармер на своите приврзаници откако Сунак објави дека изборите ќе се одржат на 4 јули, објави Ројтерс.
Британскиот премиер Риши Сунак претходно денеска потврди дека националните избори во Британија ќе се одржат на 4 јули.
Сунак додаде дека кралот Чарлс III одобрил распуштање на парламентот и дека изборите ќе се одржат на 4 јули.
Ројтерс претходно објави дека Сунак најавил дека изборите ќе се одржат во втората половина на годината.
Свет
Нетанјаху: Објавата на Ирска, Шпанија и Норвешка за признавање на Палестина „награда за тероризам“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја осуди најавата на Ирска, Шпанија и Норвешка дека наскоро ќе ја признаат независна Палестина како „награда за тероризмот“ и нагласи дека Тел Авив останува решен кога е во прашање победата во Појасот Газа.
Во изјавата, Нетанјаху изјави дека 80 отсто од Палестинците на Западниот Брег „го поддржуваат масакрот извршен од Хамас на 7 октомври“, пишува „Тајмс оф Израел“.
„На ова зло не смее да му се даде земја. Тоа ќе биде терористичка држава. Ќе се обидат да го повторат масакрот од 7 октомври, а ние нема да се согласиме на тоа“, рече тој.
Израелскиот лидер нагласи дека „наградата за тероризмот нема да донесе мир“ и дека одлуката на овие земји да ја поштедат Палестина нема да го спречи Израел да го победи Хамас.
Норвешка, Шпанија и Ирска најавија претходно денеска дека ќе ја признаат палестинската држава на 28 мај.
Како што рече ирскиот министер за надворешни работи Мајкл Мартин, Ирска планира да ја признае палестинската држава врз основа на нејзините граници од 1967 година, кои ги вклучуваат Газа, Западниот Брег и Ерусалим како главен град и на Израел и на Палестина.