Свет
Во Виетнам расте бројот на заразени, забрана за дојдовни меѓународни летови кон Ханој
Виетнамските власти денес објавија забрана за дојдовни меѓународни летови кон Ханој и исто така ги заострија рестриктивните мерки во главниот град, откако во изминатиот месец забележано е двојно зголемување на случаите на Ковид-19.
Иако минатата година успешно го потисна ширењето на пандемијата, Виетнам неодамна забележа нагло зголемување на инфекциите. Властите во земјата забележаа уште неколку позаразни видови на вирусот, како британскиот и индискиот.
Прекинот за дојдовни летови во Ханој ќе важи од 1 до 7 јуни. Треба да се напомене дека Виетнам има ограничувања на меѓународните летови од почетокот на пандемијата.
Од денеска, градот Хо Ши Мин (Сајгон) воведува двонеделни мерки кои вклучуваат забрана за јадење во ресторани и јавни собири на повеќе од 10 лица, како и затворање на казината и салоните за убавина. Властите побараа од жителите постари од 60 години да поминуваат што повеќе време дома.
Во Виетнам, земја со 98 милиони жители, досега се пријавени 7.236 инфекции со коронавирус и 47 смртни случаи.
Претставникoт на Светската здравствена организација (СЗО) во Виетнам денеска изјави дека новиот вид идентификуван во земјата е всушност индиска варијанта со мутација која е пронајдена во британскиот вид.
Министерот за здравство Нгуен Тан Лонг викендов предупреди дека оваа нова мутација е многу опасна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.