Свет
Во двор на црковен интернат во Канада пронајдени посмртни останки од 751 лице
Домородната заедница од Канада соопшти дека пронашла стотици необележани гробови на место на некогашен интернат на католичката црквата во провинцијата Саскачеван.
„Суверената автохтона федерација на Првите нации“ соопшти дека откритието на гробовите е „досега најзначајно во Канада“.
Заедницата во Ковесес е една од неколкуте таканаречени „Први нации“, како што се нарекува домородното население во Канада, потомци на Инуитите и Мерисите.
Кадмус Делорм, раководител на домородната заедница, изјави дека останките на 751 лице се пронајдени во необележани гробови во задниот двор на интернатот во регионот Саскачеван.
„Ова не е масовна гробница, ова се необележани гробови“, рече Делорм.
Според официјалните канадски податоци, интернатот работел од 1899 до 1997 година, на околу 140 километри источно од главниот град Регина.
Новите гробници се откриени со површински радарски скенери, што како истраги се почнати во 139 училишта низ целата земја, откако кон крајот на мај беа пронајдени останки на 215 деца, некои на возраст од три години, кои биле закопани на местото на некогашно училиште за домородни деца во Камлоупс, Канада.
Училиштата главно ги воделе христијански цркви во име на државната влада, од 1840 па се до 90-тите години на минатиот век.
Повеќето од овие деца, присилно одземени од нивните семејства и сместени во црковните интернати, (се претпоставува дека биле над 150.000 староседелски деца) биле изложени на физичко, сексуално и психолошко насилство.
Премиерот Џастин Трудо изјави дека е многу тажен поради новото откритие во интернатот „Маривал Индијан“.
Тој рече дека домородците кои претрпеле болка и траума се одговорност што Канада мора да ја сноси.
Канадската комисија за вистина и помирување, која објави извештај дека „училишниот систем на интернати придонел за културен геноцид“, соопшти дека гробиштата останале на местото на училиштето „Маривал“ по уништувањето на училишната зграда.
Од ораганизацијата на домородците велат дека се во контакт со локалната католичка надбискупија, па Делром вели дека е оптимист и верува дека ќе им биде дозволен пристап до архивите за да ги идентификуваат остатоците.
„Имаме верба во Католичката црква дека ќе ни овозможи пристап. Тие не ни рекоа ‘не’. Само сè уште немаме податоци“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.