Европа
Во делови на Грузија повторно ќе се пребројуваат гласовите; Набљудувачите: Изборите не се наместени
Пребројувањето на гласовите ќе почне денеска на 14 отсто од избирачките места во Грузија, каде што проевропската опозиција ја обвинува владејачката партија за измама и кражба на парламентарните избори, соопшти изборната комисија.
Властите „ќе извршат пребројување на гласовите на пет избирачки места во секоја изборна единица“, се вели во соопштението на комисијата.
Брисел и Вашингтон побараа од Тбилиси да отвори истрага за наводите за изборни нерегуларности. Несогласувачкиот глас во Европската Унија, унгарскиот лидер Виктор Орбан, сепак пристигна во Грузија вчеравечер за да ја покаже својата поддршка за владата која се соочува со овие обвинувања.
На покана на опозицијата и претседателот Саломе Зурабишвили, десетици илјади Грузијци синоќа мирно протестираа за да ги осудат резултатите од парламентарните избори, кои ги доби проруската партија на власт од 2012 година.
Партијата Грузиски сон е обвинета од своите противници дека ја насочува земјата кон Москва и подалеку од Европската Унија.
Претседателката Зурабишвили ги осуди софистицираните методи на измама, слични, според неа, на оние што се практикуваат во Русија. „Многу е тешко да се обвини владата“, „но методологијата е руска“, рече проевропскиот шеф на државата во интервју за АФП. Четирите опозициски партии, кои освоија пратенички мандати, не ги признаваат изборните резултати и најавуваат бојкот на тоа тело.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ги отфрли неоснованите обвинувања и негира какво било мешање на неговата земја во изборниот процес во Грузија.
Набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа во неделата рекоа дека забележале нерегуларности, како што се купување гласови, заплашување гласачи и изборна измама, кои можеби имале одредено влијание врз исходот, но тие не ги нарекоа изборите наместени.
Европската Унија претходно ја повика Грузија бргу и транспарентно да ги истражи наводните неправилности. Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен рече дека САД се приклучија на повиците на набљудувачите за целосна истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

