Свет
Во Еквадор пластични шишиња се рециклираат во замена за автобуска карта

Грижата за животната средина во Еквадор се исплаќа, барем за оние што користат јавен превоз во Гвајакил, најнаселениот град во Еквадрор, кој се смета за еден од најголемите во Латинска Америка. Тамошните жители може да ги заменат употребените пластични шишиња со пари за автобуска карта.
Гвајакил има население од 2,7 милиони жители и се смета за деловен центар на Еквадор, но и за најзагаден град во земјата кој произведува најмногу отпад.
Патниците кои користат јавен превоз од неодамна добија можност да разменуваат пластични шишиња за два цента по парче на посебен автомат што е поставен на централната станица во градот.
„Замислете, за 15 шишиња можете да купите карта“, вели патникот Кристијан Карденас.
„Ваквата опција е поекономична отколку продажбата на шишиња во центрите за рециклирање“, додава 76-годишниот пензионер Вашингтон Браво, кој вели дека на ваков начин заштедува од неговата скромна пензија.
Гвајакил произведува 4.200 тони отпад дневно, од кои се рециклираат само 14 проценти.
„Градот е корумпиран и валкан. Порано не беше вака“, се жали Браво.
Засега има само еден автомат за собирање шишиња, но Леополдо Фалкез, директорот за јавниот превозник „Метровија“, вели дека наскоро ќе бидат поставени машини на сите автобуски терминали во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Заради исклучен доток на гориво во моторите се урнал авионот на „Ер Индија“

Прелиминарниот извештај за несреќата на авионот на компанијата „Ер Индија“, во која минатиот месец загинаа 260 лица, покажа дека три секунди по полетувањето, прекинувачите за гориво на моторите се префрлиле од позиција „вклучено“ во позиција „исклучено“, лишувајќи ги моторите од гориво.
Авионот „Боинг 787- Дримлајнер“ веднаш почнал да губи висина, покажува извештајот објавен од индиските истражители на воздухопловни несреќи.
На снимката од пилотската кабина, може да се слушне како еден од пилотите го прашува другиот зошто го исклучил горивото. Вториот пилот одговорил дека не го сторил тоа, се наведува во извештајот. Не е наведено кој го упатил повикот за помош непосредно пред несреќата, пилотот или копилотот.
И двајцата пилоти биле искусни, со вкупно околу 19.000 часа лет, вклучувајќи повеќе од 9.000 часа во „Боинг 787“.
Префрлањето на прекинувачот во позиција „исклучено“ ги запира моторите речиси веднаш.
Свет
Зеленски: Продолжуваат испораките на оружје од САД

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека добил ветување дека Украина ќе добие нови испораки на оружје од САД и европските сојузници, јави ДПА.
-Според сите извештаи, суспендираните испораки на оружје се обновени, рече Зеленски.
ДПА пренесува дека разговорите за продолжување на воената поддршка се планирани за следната недела, меѓу другите, и со американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог.
-Исто така, подготвуваме нови европски пакети за оружје, рече Зеленски, потенцирајќи дека, исто така, очекува „силни чекори во врска со новите санкции против Русија“.
САД минатата недела накратко воведоа делумно запирање на испораките на оружје што веќе беа ветени.
Регион
Вучиќ: Полицајците не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека полицијата реагира како последно средство на блокадите во државата, во согласност со законот и со минимална употреба на сила.
„Тие полицајци…не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот и да ги напаѓаат со стапови“, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна во интервју за белградски медиуми, дека студентите во блокада на 15 март не дале „зелено светло“ затоа што некои во државата требало да ја завршат својата работа, а на 28 јуни го направиле тоа „преценувајќи се себеси и потценувајќи ги другите“.
Тие луѓе мислат дека е нормално да му се одземе на некого уставно загарантираното право на движење, тие не се заинтересирани за ништо, тие го прогласиле за легално и не им е гајле, рече Вучиќ.
„Загрижен сум за државата, но што се однесува до партиските, посебни интереси – одлично, можеби до Нова Година, можеби ќе ги изненадам, а потоа ќе распишам избори“, додаде Вучиќ.