Свет
Во Израел првпат по четири месеци има повеќе од 2.000 заразени од коронавирус за еден ден

Министерството за здравство на Израел објави дека повеќе од 2.000 луѓе биле позитивни на Ковид-19 во понеделникот, што е најмногу од март.
Како што е наведено, биле тестирани повеќе од 90.000 примероци, а стапката на позитивни случаи изнесува 2,32 процента.
Според Министерството за здравство, 10 проценти од оние што биле позитивни на коронавирус во понеделникот пристигнале од странство. И покрај апелите на владата да не патуваат без потреба, меѓународниот аеродром во Израел е полн со патници.
Зголемувањето на бројот на заразени се припишува на ширењето на делта-видот во последните неколку недели и повторно се воведени санитарни мерки, кои беа речиси целосно укинати порано, а се препорачува употреба на заштитни маски и изолација.
Министерот за здравство, Никан Хоровиц, го повтори апелот што побргу да се вакцинираат сите што досега не го сториле тоа.
Во Израел повеќе од 5,3 од 9,3 милиони луѓе се целосно имунизирани.
Хоровиц исто така рече дека Министерството разгледува дали да им даде на постарите граѓани трета доза вакцина против Ковид-19.
Израел во моментот им дава трета доза на луѓето чиј имунолошки систем е ослабен.
Од повеќе од 13.000 активни случаи, 138 пациенти се во сериозна состојба, од кои 25 на респиратор.
За споредба, во екот на третиот бран на зараза во јануари имаше повеќе од 1.200 тешки случаи на ден.
За време на пандемијата починаа 6.461 лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Русија постепено се оддалечува од терминот „непријателскa земји“

Русија постепено се оддалечува од терминот „непријателски земји“, постојат само земји со влади кои не се пријателски настроени кон Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Постепено се оддалечуваме од терминот непријателска земја, иако тој останува во законодавството“, објави Лавров на прес-конференција посветена на подготовките за „Интервижн“, пренесува ТАСС.
Лавров одговори дека Русија нема непријателски земји, туку дека постојат само земји кои „имаат непријателска влада во однос на Руската Федерација“.
Фото: принтскрин
Свет
Затворени плажи во Хургада поради појава на ајкули

Неколку плажи во египетските одморалишта Хургада и Макади беа затворени во последните денови откако ајкули беа забележани во близина на брегот. Ова го објавуваат локалните медиуми.
Според туристите, неколку хотели одлучиле да ги затворат своите плажи како мерка на претпазливост, додека некои од нив во меѓувреме се отвориле повторно.
Како што објавуваат медиумите, експертите предупредуваат дека видови како што се тигрести и леопардски ајкули, кои се сметаат за особено опасни за луѓето, може да се појават во Црвеното Море. Поради оваа причина, се препорачува да се биде дополнително внимателен и да се почитуваат сите мерки пропишани од одморалиштата и службите за спасување, според написите.
Фото: принтскрин
Свет
Подготвени сме за секакво сценарио за време на посетата на Трамп, објави британската полиција

Британската полиција објави дека е целосно подготвена за сите можни ситуации и сценарија пред државната посета на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, оваа недела.
– Многу сум задоволен што испланиравме многу сеопфатен план за полициска и безбедносна операција што ги зема предвид речиси сите можни сценарија што би можеле да се случат – изјави помошникот на главниот комесар Крисјан Бант од британската полиција.
Бант изјави дека ќе бидат присутни значајни, многу видливи полициски сили, но одби да го прецизира бројот на распоредени полицајци.
Тој, исто така, објави дека воздушниот простор над замокот Виндзор ќе биде затворен, а специјализираните полицајци ќе бидат подготвени да се справат со секаков протест што може да се случи.
Британскиот крал Чарлс ќе го пречека Трамп во замокот Виндзор утре, пред американскиот претседател да ја продолжи својата посета во четврток на имотот на британскиот премиер Кир Стармер.
Фото: принтскрин