Свет
Во Индија над 20 милиони заразени со коронавирус

Според официјалните податоци на индиско Министерство за здравство, бројот на лица заразени со коронавирус во оваа земја надмина дваесет милиони.
Во Индија во последните 24 часа се забележани 357.229 новозаразени лица со Ковид-19.
Вчера во Индија имало 3.449 смртни случаи од Ковид-19, а вкупниот број на смртни случаи од избувнувањето на пандемијата е 222.408 лица.
Земјата со 1,3 милијарди жители е погодена од вториот бран на пандемијата, а од крајот на март досега се евидентирани осум милиони новозаразени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Полска ги предупреди своите граѓани: Ако е можно, напуштете ја Русија

Министерството за надворешни работи на Полска издаде препорака со која силно ги советува сите полски државјани кои престојуваат во Русија, доколку е можно, да ја напуштат таа земја, јавува ТВП.
Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на владата, министерството советува да се избегнува секое патување во Русија, повикувајќи се на конфликтот во Украина и официјалното руско прогласување на Полска за „непријателска држава“.
Русија официјално ја вклучи Полска – која се приклучи на западните санкции и беше еден од најсилните поддржувачи на Украина – на списокот на „непријателски држави“ уште во 2022 година. Оваа ознака им овозможува на руските власти да воведат ограничувања кон дипломатските мисии и често подразбира ограничувања во трговијата и финансиските трансакции.
Затоа на полските државјани кои живеат во Русија им се препорачува „да ја напуштат територијата на Русија со достапни комерцијални или приватни средства, освен ако нивната лична, семејна или професионална ситуација не бара останување во земјата“, наведува министерството.
Полските власти исто така предупредија на можни проблеми при добивање директна конзуларна помош, поради затворање на дипломатски претставништва, што може да бара од граѓаните да патуваат до многу оддалечени конзулати.
Препораката исто така укажува на неколку други пречки со кои се соочуваат полските државјани во Русија, вклучувајќи го укинувањето на директните летови меѓу двете земји, ограничените можности за патување и тешкотиите при користење полски банкарски картички.
Свет
Макрон тужи инфлуенсерка затоа што тврди дека неговата сопруга е всушност маж

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, и неговата сопруга Брижит, поднесоа тужба за клевета во САД против конзервативната инфлуенсерка Кандис Овенс поради нејзините тврдења дека првата дама на Франција е всушност маж, пишува „Њузвик“.
Том Клер кој ги застапува Макронови, денес ја објави тужбата од 218 страници, поднесена во Вишиот суд во Делавер.
Тужбата ги нарекува тврдењата на Овенс „чудни, клеветнички и неверојатни измислици“ и вели дека тие предизвикале „немилосрдна злоупотреба на глобално ниво“, со што „предизвикале голема штета на Макрон“.
Овенс, популарна десничарска подкастерка, објави во 2024 година на социјалната мрежа „Икс“: „Откако истражував, подготвена сум да го ризикувам целиот мој професионален углед за фактот дека Брижит Макрон е всушност маж“.
На нејзиниот „Јутуб“ канал, таа објави серија видеа од осум дела наречена „Станувајќи Брижит“ во која ги изнесе своите тврдења.
„Бидејќи Овенс систематски ги повторуваше овие лаги како одговор на повеќекратни барања од нашите адвокати да ги повлече тврдењата, на крајот заклучивме дека одењето на случајот на суд е единствената преостаната опција за да ги заштитиме нашите права“, се вели во изјавата на Макрон.
Фото: принтскрин
Свет
Во Германија момчиња бегаа со украден автомобил – штетата надминува 50.000 евра

Германската полиција регистрираше сериозен инцидент во округот Лудвигсбург, откако 13-годишно и 15-годишно момче украле автомобил во Штутгарт и потоа бегале со него од полицијата. Потерата завршила со сообраќајна несреќа, при што момчињата поминале со полесни повреди. Автомобилот бил целосно уништен, а материјалната штета се проценува на над 50.000 евра, пренесува Fenix Magazin.
Според првичните информации, возилото го управувал помладиот од двајцата, додека постариот бил совозач. И двајцата малолетници се веќе познати на полицијата.
Автомобилот бил украден преку ноќ од паркинг во Штутгарт. Засега не е познато како момчињата успеале да влезат и да го стартуваат возилото, ниту пак кој е сопственикот. Откако граѓаните ја пријавиле кражбата, полицијата се обидела да го запре возилото, но возачот ги игнорирал наредбите и со голема брзина се упатил кон Дицинген по патот B295.
Во самиот Дицинген, возачот изгубил контрола над автомобилот. Возилото преминало преку сообраќаен остров, накратко се одвоило од тлото и слетало на тревната површина, каде што конечно се запрело.
По несреќата, момчињата излегле од возилото и се обиделе да побегнат пеш, но полицијата ги фатила за кратко време и ги привела. Двајцата биле пренесени во болница поради полесни повреди, а потоа биле вратени кај родителите.
Подоцна полицијата потврди дека само 15-годишникот може да биде кривично одговорен, додека 13-годишниот, според германскиот закон, сè уште не одговара кривично. Постои сомнеж дека можеби се менувале зад воланот, но тоа сè уште се утврдува.
Вкупната штета на возилото се проценува на околу 50.000 евра, а дополнителни 2.000 евра штета се направени на сообраќајниот остров и инфраструктурата. Автомобилот бил отстранет од местото на несреќата.
Полицијата сè уште ги истражува сите околности на инцидентот, вклучително и бројот на сообраќајни прекршоци и точната брзина со која се движело возилото. Ја повикуваат јавноста и сведоците да се јават за да се реконструира целосно текот на настаните.