Свет
Во Париз почна итниот состанок за Украина, се огласи Кремљ
Десетина лидери на европски земји пристигнаа во понеделникот во Елисејската палата на итен состанок за Украина и одбраната, додека американскиот претседател, Доналд Трамп, се подготвува директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
Средбата се одржува на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, кој телефонски разговарал со Трамп пред собирот во Париз, соопшти Елисејската палата.
Неколку лидери од клучните европски земји, вклучително и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск, му се придружија на Макрон во Елисејската палата. Учествуваат и лидерите на шпанската, италијанската, холандската и данската влада, ЕУ и НАТО.
Засега не се знае дали по разговорот ќе споделат детали со новинарите.
Макрон ја организираше средбата за да започне консултации за ситуацијата во Украина и предизвиците што таа ги поставува за безбедноста во Европа.
Средбата беше договорена за кратко време за време на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд, по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да се обидат да постигнат билатерално мировно решение.
„Безбедноста на Европа се наоѓа во пресвртница“, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по нејзиното пристигнување во француската престолнина, каде што е присутен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Непосредно пред почетокот на разговорите, Емануел Макрон телефонски разговараше со Трамп, кој го посеа хаосот во Европа разговарајќи со Владимир Путин минатата недела за да започне големи дипломатски акции поврзани со војната во Украина, пренесе „Јутарњи“.
Состојбата ја вжешти изјавата на американскиот претставник за Украина Кит Келог кој јасно стави до знаење дека Вашингтон не сака Европејци на преговарачка маса.
Кризниот состанок ги отвора дипломатските активности кои ќе продолжат со американско-руските преговори закажани за вторник во Саудиска Арабија, каде што пристигна американскиот државен секретар Марко Рубио.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ќе отпатува во Саудиска Арабија во среда, откако предупреди дека неговата земја нема да признае каков било договор постигнат без Украина.
Премиерот Стармер рече дека ќе се сретне со Доналд Трамп во Вашингтон следната недела.
Русија го поздрави итниот самит за војната во Украина, организиран од францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.
Би било добро разговорите меѓу европските лидери да бидат за ставање крај на конфликтот, а не за негово продолжување, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од руската новинска агенција Интерфакс.
Русија постојано тврдеше дека војната, која ја започна пред речиси три години, се продолжува со испраќање западно оружје во Украина.
Песков го нарече тешко прашањето за можното распоредување на европски мировни сили во Украина, за кое во моментов се разговара во Франција и Велика Британија, бидејќи во него ќе бидат вклучени вооружени сили од земјите-членки на НАТО.
Постојат правила за такво распоредување, нагласи портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Но, засега нема конкретни разговори за тоа“, рече Песков.
Британскиот премиер, Кир Стармер, изјави во неделата дека е подготвен да испрати војници во Украина доколку се покаже дека е неопходно за да се обезбеди безбедноста на Велика Британија и Европа.
Но, неколку лидери на европските земји рекоа дека е премногу рано да се разговара за таква одлука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

