Свет
(Видео) Во Пекинг пристигна мистериозен воз, а во него Ким Џонг-ун?
Пристигнувањето на специјален севернокорејски воз во Пекинг проследен со невообичаени силни мерки за безбедност ги поттикна шпекулациите дека во возот бил Ким Џонг-ун.
Лидерот на Северна Кореја планира, како што најави претходно, состанок со претседателот на Јужна Кореја кон крајот на април и со претседателот на САД кон крајот на мај. Иако не е најавен состанок со кинеските официјални лица, Кина е еден од значајните сојузници на Северна Кореја, и покрај влошувањето на односите од развојот на нуклеарната и балистичка програма на Пјонгјанг.
Доколку се потврди официјално, ова ќе биде прва посета на Ким Џонг-ун во странство од неговото доаѓање на власт во 2011 година, кога ја наследи функцијата од неговиот татко.
Агенцијата „Франс прес“ пренесе дека кинеското Министерство за надворешни работи нема информации за доаѓањето на лидерот на Северна Кореја, додека веста за пристигнувањето на специјален воз со севернокорејски функционери официјално ја пренесе јапонската агенција „Кјодо“.
Јапонската телевизија „ННН“ прикажа снимки од воз кој личи на возот што го користеше Ким Џонг-ун на железничката станица во Пекинг.
Очевидците наведоа дека на станицата имало невообичаено голем број припадници на кинеските сили за безбедност и дека е зголемено полициското присуство пред дипломатската резиденција, каде што покојниот севернокорејски лидер престојуваше за време на неговата посета во Пекинг.
Белата куќа соопшти дека не знае ништо за посетата на Ким, додека јужнокорејската влада, која обично е известена за случувањата на северниот сосед, наведе дека внимателно ја следи ситуацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски по средбата со Трамп: Чекам датум за потпишување на историскиот договор
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека со американскиот претседател Доналд Трамп во Давос разговарале за прашања поврзани со противвоздушната одбрана, безбедносни гаранции и финансирање на обновата на Украина, вклучувајќи ја и областа Донбас.
Како што пренесе „Европска правда“, Зеленски појасни дека договорот за безбедносни гаранции е подготвен за потпишување и изрази надеж дека САД ќе реагираат позитивно.
„Сега чекам претседателот Трамп да предложи датум и место. Подготвени сме да го потпишеме овој документ, кој за нас е историски важен“, рече тој, додавајќи дека договорот ќе треба да биде ратификуван од Конгресот на САД и од украинската Врховна рада.
Во врска со финансиската помош, Зеленски спомена дека пакетот документи познат како „план за просперитет“ сè уште не е финализиран. „Важно е да се утврдат јасни и транспарентни извори на финансирање, затоа што токму тие ќе бидат темелот на обновата на Украина во наредните години“, истакна тој.
Тема на разговор била и областа Донбас. Според Зеленски, прашањето ќе продолжи да се разгледува во Абу Даби, каде што е најавена дискусија за ставовите на трите страни: Русија, Украина и САД.
Состанокот на Зеленски и Трамп се одржал вчера и траел околу 50 минути. Обата тима го оцениле како „добар“ и „многу добар“.
Регион
Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата
Уставниот суд ја прифати оставката на бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат бугарските медиуми.
Според одлуката на судиите, овластувањата на Румен Радев како претседател престануваат предвреме со потврдувањето на неговата оставка од страна на Уставниот суд . Одлуката стапува во сила денес, 23 јануари.
Уставниот суд го разгледа барањето на Радев без да мора да го сослуша или да побара дополнителни докази, бидејќи испитувањето беше ограничено на утврдување на лична изјава за волја – прашање кое, според судот, нема сложени правни пречки.
На расправата учествуваа 12 уставни судии, а за уставниот случај извести судијката Павлина Панова.
Оставката ја поднесе Радев по обраќањето до бугарскиот народ на 19 јануари, во кое објави дека се повлекува од функцијата со цел активно да учествува на претстојните предвремени парламентарни избори и евентуално да учествува во политички проект или партија.
„Инвестор.бг“ потсетува дека одлуката на Уставниот суд е историска – ова е прв случај во поновата историја на Бугарија во кој актуелен претседател поднесува оставка пред истекот на мандатот, а судот го разрешува од функцијата.
Потпретседателката Илијана Јотова автоматски ја презема функцијата нов шеф на државата до крајот на нејзиниот мандат на 21 јануари 2027 година. Таа ќе ги извршува функциите на претседател, вклучително и назначување на привремена влада и подготовка за следниот изборен процес.
Фото: ЕПА
Регион
Дедото уапсен под сомнение за обљуба над малолетната внука во Белград
Полицијата на територијата на Белград го уапси Г. М. (57) бидејќи постоеле основи на сомнение дека сторил кривично дело обљуба над дете.
Жртвата е неговата четиринаесетгодишна внука, која ја дала изјавата во присуство на нејзината мајка, според медиумите во соседството.
Осомничениот е задржан од полицијата до 48 часа, во кој период ќе биде приведен на сослушување.
Според написите, се сомнева дека дедото наводно го сторил ова тешко кривично дело врз својата внука во неколку наврати.
Случајот го презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе спроведе понатамошна истрага. Бидејќи жртвата е малолетно лице, истражните органи ќе ги преземат сите мерки за заштита на интегритетот на детето, а изјавата ќе биде земена во присуство на експерти и психолози.
Кривичниот законик на Србија предвидува исклучително строги санкции за злоупотреба на деца. За најтешките форми на ова кривично дело, особено кога има роднинско сродство или злоупотреба на положбата, се заканува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Сите надлежни служби, вклучително и Центарот за социјална работа, се вклучени во обезбедување поддршка и заштита на жртвата од самиот момент на пријава, според медиумите.

