Свет
Во Полска се одбележува 84-годишнината од почетокот на Втората светска војна

Во Полска се одбележува 84-годишнината од почетокот на Втората светска војна.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во Вилун, централна Полска, на 84-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна ѝ порача на Германија дека нејзиното извинување за злосторствата и уништувањето не е доволно, туку дека мора да плати воени репарации за да може двете земји да функционираат нормално.
„Полска и Германија денес се партнери во Европската Унија, но за да може да функционираат во иднина, мора да го затворат тоа поглавје од Втората светска војна. Не е доволно само да се каже: паметиме. Треба да ги обесштетиме жртвите. Ние не бараме само сеќавање и вистина, туку сатисфакција во вид на репарации за да можеме да го затвориме ова поглавје од историјата“, рече Моравјецки.
Централното одбележување на 84-годишнината од почетокот на Втората светска војна почна во 4.45 часот во Вилун, првиот полски град што беше бомбардиран, и на полуостровот Вестерплате кај Гдањск, каде што беа испукани првите салви од германскиот воен брод „Шлезвиг-Холштајн“ врз полскиот гарнизон на тој полуостров на Балтикот на 1 септември 1939 година, со што формално почна Втората светска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.
Свет
Откриен можниот мотив на убиецот од Њујорк – оставил проштално писмо

Шејн Девон Тамура (27), напаѓачот кој вчера уби четири лица во деловна зграда во Њујорк, пред да си го одземе животот, оставил проштално писмо во кое тврдел дека боледува од хронична трауматска енцефалопатија (ЦTE) и побарал неговиот мозок да биде анализиран по смртта, јавува „Си-ен-ен“.
Во краткото писмо од три страници, пронајдено во неговиот џеб по пукањето, Тамура напишал: „Тери Лонг и американскиот фудбал ми ја донесоа ЦTE, поради што испив литри антифриз. Не можете да се борите против NFL – ќе ве згази.“ Тери Лонг, поранешен играч на Pittsburgh Steelers, беше дијагностициран со ЦTE и изврши самоубиство во 2005 година.
Тамура во пораката додал: „Ве молам, проучете ми го мозокот. Жал ми е. Кажете им дека ми е жал за сè.“
Според извори на „Си-ен-ен“, Тамура во младоста играл американски фудбал, што дополнително го поддржува неговото тврдење дека страдал од ЦTE – болест што најчесто се поврзува со повторувачки удари во глава кај спортисти, дури и без забележани потреси на мозокот.
Според досегашните сознанија, Тамура бил незадоволен од начинот на кој Националната лига за американски фудбал (NFL) со години го игнорира проблемот со ЦTE, кој е потврден кај бројни поранешни играчи по нивната смрт, а многумина имаат проблеми и додека се живи. Полицијата претходно објави дека Тамура имал „историја на ментални нарушувања“.
Тој влегол со пушка во зградата каде се наоѓа седиштето на NFL и почнал да пука во фоајето, а потоа и на 33. кат, пред да си го одземе животот. Еден вработен во NFL е тешко повреден, додека останатите биле навреме евакуирани.
Пријател од училишните денови, Калеб Кларк, го опишал Тамура како „најголемиот шегаџија во одделението, полн со енергија“. „Никогаш не би помислил дека би можел да биде поврзан со насилство. Луѓето му велеа дека е талентиран и посебен, но тој никогаш не кажуваше дека ќе игра во NFL,“ изјавил Кларк.
Во 2015 година, Тамура се преселил во Гранада Хилс и работел во казино во Лас Вегас, каде што поседувал дозвола за носење оружје.
Свет
Кремљ: Путин му се јави на Нетанјаху, разговараа за Сирија и за Иран

Претседателот на Русија, Владимир Путин, разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објави прес-службата на Кремљ. Според руските власти, лидерите на двете земји разговарале за напнатата ситуација на Блискиот Исток.
„Руската страна ја потврди својата цврста позиција во корист на исклучиво мирно решавање на проблемите и конфликтите што постојат во регионот“, вели Кремљ. Путин ја нагласи важноста од поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Рускиот претседател исто така ја изрази подготвеноста на Русија да помогне во наоѓањето преговарачки решенија поврзани со нуклеарната програма на Иран.