Свет
Во светот зголемен бројот на заболени млади луѓе од рак, покажуваат најновите истражувања
Во последните три децении за речиси 80 проценти е зголемен бројот на лица помлади од 50 години што се заболени од рак, покажуваат резултатите од најголемата студија, која се занимава на оваа тема. Глобалниот број на заболени од рак се зголеми од 1,82 милион во 1990 година на 3,26 милиони во 2019 година, а смртните случаи од рак кај луѓето под 50-годишна возраст се зголемија 27 %.
Истражувањата покажаа дека повеќе од еден милион луѓе помлади од 50 години годишно умираат од рак. Експертите засега не може со сигурност да кажат што се крие зад големиот пораст на заболени од рак, но сметаат дека лошата исхрана, употребата на алкохол и тутун, слабата физичка активност и дебелината се меѓу причините.
„Од 1990 година инциденцијата и смртноста на раните форми на рак значително се зголемија на глобално ниво. Поттикнувањето здрав начин на живеење, кој вклучува намалена потрошувачка на тутун и алкохол, здрава исхрана и соодветни активности на отворено, може да го намали ризикот од такви болести “, велат научниците во истражувањето, како што пренесува „Гардијан“.
Претходните студии покажаа дека во последните неколку децении, во разни делови на светот, инциденцијата на рак кај луѓето помлади од 50 години се зголемува. Но, најновото истражување, спроведено од Универзитетот во Единбург во Шкотска и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Жеџијанг“ во Кина е прво од ваков вид што го испитува проблемот на глобално ниво и ги истражува факторите на ризик за помладите возрасни лица.
Повеќето претходни студии се фокусираа на регионалните и националните разлики. Во оваа глобална студија научниците анализираа податоци од 204 земји кои покриваат 29 видови на рак. Тие ги разгледаа новите случаи, смртните случаи, здравствените исходи и факторите на ризик за луѓето на возраст од 14 до 49 години за да проценат како се променила ситуацијата помеѓу 1990 и 2019 година.
Во 2019 година имаше 3,26 милиони нови дијагнози на рак кај оние под 50 години, што е 79 % зголемување од 1990 година. Ракот на дојката доминира во најголем број случаи. Помеѓу 1990 и 2019 година најбргу се зголемил бројот на случаи на ран почеток на рак на душникот и на простатата.
Во 2019 година 1,06 милион луѓе на возраст под 50 години починале од рак, што е зголемување за 27 % во однос на бројката од 1990 година. По ракот на дојката, најголем број смртни случаи се поврзани со рак на душникот, белите дробови, желудникот и цревата. Најголем пораст на смртните случаи има кај луѓето со рак на бубрезите или јајчниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел почна широк бран напади врз Техеран, ИДФ тврди дека фрлил над 1.200 парчиња муниција
Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.
Свет
Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток
Во услови на континуирана размена на ракетни напади на Блискиот Исток, Иран соопшти дека гаѓал во 27 американски воени локации во регионот. Иранската револуционерна гарда наведе дека цел биле и израелската воздухопловна база Тел Ноф, воено седиште и голем одбранбен комплекс во Тел Авив.
Според ИРГЦ, станува збор за шести „бран“ одмазднички напади во кои биле користени ракети и дронови. Гарда порача дека ќе продолжи со воените дејствија, но овие тврдења не се независно потврдени.
„Вооружените сили на Исламската Република Иран нема да дозволат да замолкнат сирените за воздушна опасност на окупираните територии и во американските бази. Ќе продолжиме со повторени и болни удари, што претставува нов и многу тежок чекор на одмазда“, се наведува во соопштението што го пренесуваат државните медиуми ИРИБ.
Фото: depositphotos
Свет
Кој е Али Ларијани, човекот што ја презема лидерската функција во Иран?
Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопшти дека ќе се воспостави привремено раководство откако во воздушен напад беше убиен врховниот водач ајатолах Али Хамнеи, пренесе Ројтерс. Ларијани минатата година повторно се издигна како една од највлијателните фигури во безбедносната структура на Иран.
Тој раководел со широк спектар прашања – од нуклеарните преговори и регионалните односи, до одговорот на властите на внатрешните немири. Во август беше именуван за секретар на Врховниот совет за национална безбедност, функција што ја извршувал и претходно.
Како близок соработник на Хамнеи, Ларијани учествувал во подготовките за индиректни нуклеарни разговори со САД во Оман, а во изминатите месеци повеќепати патувал и во Москва на средби со руското раководство. Тој зазема прагматичен тон за нуклеарното прашање, наведувајќи дека загриженоста на САД може да се реши, но истовремено истакнал дека иранската нуклеарна технологија „не може да се уништи“.
САД во јануари му воведоа санкции, обвинувајќи го дека имал водечка улога во задушувањето на антивладините протести. Американското Министерство за финансии соопшти дека Ларијани повикал на насилен одговор против демонстрантите, додека организациите за човекови права наведуваат дека во пресметките биле убиени илјадници лица.
Ларијани бил претседател на парламентот од 2008 до 2020 година и важи за влијателна фигура која одржува односи со различни фракции во системот. Роден е во 1958 година во Наџаф, во угледно клерикално семејство, а докторирал филозофија во Иран.
Фото: ЕПА

