Европа
Во Холандија денеска починаа 93 лица, бројот на смртни случаи во Швајцарија се зголемува
93 лица починаа денеска во Холандија како резултат на коронавирусот, со што вкупниот број на починати достигна 639 лица, пришто се потврдени дополнителни 1.159 случаи.
Сепак, обете бројки укажуваат на помал пораст од претходниот ден, пренесува Ројтерс.
„Доколку продолжи оваа линија, ќе може да се заклучи за неколку дена дали мерките за социјална оддалеченост се ефикасни“, велат од холандскиот Национален институт за здравство.
Во Холандија, досега потврдени се вкупно 9.762 случаи на вирусот.
Бројот на починати од Ковид-19 во Швајцарија се зголеми на 235 лица, во споредба со 197 смртни случаи пријавени во петокот, соопшти Министерството за здравство на земјата.
Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Швајцарија, истотака, се зголеми од 12.161 на 13.223, пренесува Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната
Руските сили напредуваат во Украина со своето најбрзо темпо од првите денови на инвазијата, заземајќи површина од половина од поголемиот Лондон минатиот месец, велат аналитичарите и воените блогери.
Војната влегува во она што некои руски и западни официјални лица велат дека може да биде најопасна фаза, откако руските сили постигнаа некои од нивните најголеми територијални придобивки и САД му дозволија на Киев да возврати со американски ракети.
„Русија постави нови неделни и месечни рекорди во големината на окупираната територија во Украина“, објави независната руска новинска агенција.
Руската војска минатата недела окупираше речиси 235 квадратни километри во Украина, што е неделен рекорд за 2024 година, се вели во извештајот.
Руските сили зазедоа 600 квадратни километри во ноември, се додава, цитирајќи податоци од DeepState, група тесно поврзана со украинската војска која ги проучува борбените снимки и обезбедува мапи на бојното поле.
Русија започна побрзо да напредува во источна Украина во јули, токму кога украинските сили зазедоа дел од нејзиниот западен регион Курск. Оттогаш, рускиот напредок е забрзан, според достапните карти.
Руските сили се движат во градот Курахово, отскочна штица кон логистичкиот центар Покровск во Доњецк, и ја искористуваат ранливоста на трупите на Киев долж линијата на фронтот, велат аналитичарите.
„Руските сили неодамна напредуваа со значително побрзо темпо отколку во цела 2023 година“, велат во извештајот аналитичарите на Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон.
Генералштабот на украинските вооружени сили објави во својот извештај од понеделникот дека таа вечер се воделе 45 битки со различен интензитет долж Кураховскиот дел од фронтот.
Во извештајот на Институтот за проучување на војната и проруски воени блогери се вели дека руските трупи се во Курахово. Во понеделникот, DeepState на својата апликација за пораки Телеграм објави дека руските сили се во близина на Курахово.
„Напредокот на руските сили во југоисточна Украина во голема мера е резултат на откривање и тактичко искористување на ранливостите на украинските линии“, велат аналитичарите на Институтот во нивниот извештај.
Русија вели дека ќе ги постигне сите свои цели во Украина без оглед на тоа што вели или прави Западот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти главните цели на рускиот претседател Владимир Путин се да го окупира целиот Донбас, кој ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск, и да ги протера украинските војници од регионот Курск, чии делови ги контролираат од август.
Европа
Хорор во Австрија: Србин избодел девојка со кујнски нож, крвавата жена истрчала по помош, тој продолжил да се сече
25-годишниот Србин кој наводно ја избодел пет пати со кујнски нож својата девојка (22) во Линц-Ебелсберг, ќе одговара за обид за убиство, јавуваат австриските медиуми.
Драматични беа сцените што се случија на крајот на август во Линц-Ебелсберг. 25-годишен Србин, наводно, ја избодел својата девојка пет пати со кујнски нож од 20 сантиметри. Жената се спасила влегувајќи во куќа, облеана во крв, пренесува Кронен Цајтунг.
Девојката (22) преживеала благодарение на итна операција, а мажот оттогаш е во притвор. Меѓутоа, сега против него е покренато обвинение. Човекот ќе се брани од обвинението за обид за убиство, како што потврди Улрике Брајтенедер, портпаролка на јавното обвинителство во Линц.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна од 10 до 20 години. Датумот на судење се уште не е одреден, бидејќи има рок за жалба од две недели. Судењето, според тоа, најверојатно ќе се одржи дури следната година.
Европа
Русија парично ја казни апликацијата Телеграм
Русија вчера ја казни платформата за социјалните медиуми за испраќање пораки Телеграм со седум милиони рубљи (околу 64.000 евра), јавува Анадолија.
Локален суд во Москва ја казни апликацијата откако ја прогласи за виновна за кршење на рускиот закон со дозволување пристап до некои забранети содржини.
Претходно, неколку странски платформи за социјални медиуми, вклучувајќи ги Епл, Гугл, Тикток и Фејсбук, беа казнети поради слични причини. На пример, руски суд го казни Епл откако компанијата одби да отстрани два подкасти.
Во 2021 година, Фејсбук беше казнет и со 220.000 евра затоа што не ја бришеше содржината што Москва ја смета за нелегална.
Да потсетиме, основачот на Телеграм, Павел Дуров, беше уапсен во Франција во август. Тој потоа беше ослободен, но не му беше дозволено да ја напушти Франција. Покрената е официјална истрага за наводите дека неговата платформа не се обидела да спречи измама, трговија со дрога и ширење на детска порнографија.