Свет
Втор ден од парламентарните избори во Русија, опозицијата обвинува за местенки
Денеска низ Русија во тек е вториот ден од парламентарните избори, а избирачките места се отвораат во 11 различни временски зони, но процесот веќе е засенет од обвинувања за измама од страна на опозициските активисти.
По затворањето на избирачките места, се очекува Русија да избере нова Дума за следните пет години, во која ќе има 450 пратеници, како и неколку нови регионални и градски администрации.
Во петокот, првиот ден од гласањето, независни набљудувачи од организацијата за права на гласачите „Голос“ забележале околу 2.000 процедурални прекршувања, во повеќето случаи со фотографии и видеа, што е показател за купување гласови.
Според извештајот на „Голос“, имало голем прилив на униформирани лица на изборите, што, според нив, покажува дека владата ги мобилизирала сите државни службеници за да обезбеди победа на владејачката партија Единствена Русија. Исто така, има и извештаи за луѓе кои гласале повеќе пати.
„Беше ужасен ден. Мрсен и валкан“, напиша на „Твитер“, Ирина Фатјанова, локална политичарка од Санкт Петербург.
Според „Голос“, Централната изборна комисија одбила да ги разгледа жалбите и едноставно ги отфрлила.
Спротивно на тоа, лидерката на Централната изборна комисија, Ела Памфилова, ја пофали организацијата на гласањето во петокот.
Владејачката Единствена Русија се обидува да го задржи апсолутното мнозинство во Думата, а партијата е поддржана од претседателот Владимир Путин, за кого изборите се важен тест за националното расположение.
На многу истакнати опозициски личности не им било дозволено да гласаат. Меѓу нив се поддржувачи на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој повика на протестно гласање против Единствена Русија од неговата казнена колонија надвор од Москва.
Тимот на Навални се пожали дека апликацијата за пораки „Телеграм“ за првпат во саботата ги блокирала изборните реклами на опозицијата.
Основачот на „Телеграм“, Павел Дуров објасни дека апликацијата е блокирана бидејќи кампањата повеќе не била дозволена во текот на изборните денови. Тој се осврна и на фактот дека „Епл“ и „Гугл“ во петокот ја отстраниле апликацијата Smart Voting од нивните руски онлајн продавници, која била дизајнирана од тимот на Навални.
Опозициски активисти ги обвинија американските технолошки гиганти и Дуров за политичка цензура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

