Свет
Газа: 179 тела закопани во масовна гробница
Најмалку 179 тела се погребани во заеднички гроб во болничкиот комплекс „Ал Шифа“ во Газа, изјави директорот на болницата.
Тој за АФП изјави дека меѓу закопаните има седум предвремено родени бебиња, кои починале поради недостиг на електрична енергија неопходна за уредите да ги одржуваат во живот.
„Бевме принудени да ги закопаме во заеднички гроб“, изјави докторот Мохамед Абу Салмија.
Тој додаде дека има тела во ходниците на овој болнички комплекс и дека во собите за ладење веќе нема струја бидејќи ниту капка гориво не влегло во Појасот Газа од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври.
Д-р Салмија изјави дека денеска починале жена и маж на интензивна нега, со што бројот на пациенти на интензивна нега се искачи на 29, кои починале од саботата кога беше прекинато напојувањето со електрична енергија во болницата „Ал Шифа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Протести во Тел Авив, Израелците бараат ослободување на заложниците
Илјадници Израелци излегоа синоќа на улиците барајќи владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да направи повеќе за да обезбеди ослободување на заложниците кои ги држеше исламистичката група Хамас во Појасот Газа.
Како што пренесува „Ројтерс“, членовите на семејствата на заложниците носеле слики од нивните најблиски кои се уште се во заробеништво и се приклучиле на толпата што протестира во Тел Авив.
Една од нив беше Наама Вајнберг, чиј братучед Итаи Свирски беше киднапиран за време на нападот на Хамас на израелските градови на 7 октомври и, според израелските власти, бил убиен во заробеништво.
Во говорот таа се осврна на видеото кое Хамас го објави вчера, тврдејќи дека уште еден од израелските затвореници починал.
„Наскоро дури и оние кои успеаја да преживеат толку долго нема да бидат меѓу живите. Тие мора да се спасат сега“, рече Вајнберг.
„Апсолутно е јасно дека израелската влада е целосно идеолошки банкротирана. Тие немаат поим што прават. Јасно е дека не се обидуваат да спасат ниту еден заложник или да ја прекинат војната. Владата всушност ја води најекстремниот фундаменталист , чија идеологија нема никаква врска со демократските идеали“.
Како што одминуваше вечерта, некои демонстранти го блокираа главниот автопат во градот пред полицијата да ги растера со водени топови, а некои директно се судрија со полицијата. Уапсени се најмалку три лица.
Свет
Трагедија во Индонезија: на автобус со матуранти му откажаа сопирачките, загинаа најмалку 11 лица
Најмалку 11 лица, претежно ученици, загинаа во тешка несреќа со училишен автобус во Индонезија, пренесува „АП“.
Според извештаите, на автобусот му откажале сопирачките, по што удрил во неколку автомобили и мотоцикли пред да удри во столб и да се преврти.
Автобусот со 61 ученик и професор се враќал доцна синоќа во средното училиште во Депок во близина на главниот град Џакарта, од туристичкиот град Бандунг по прославата на матурирањето, изјави портпаролот на полицијата во Западна Јава, Жил Абрахам Абаст.
„Автобусот изгубил контрола на удолницата и преминал на спротивната лента, удрил во неколку автомобили и мотоцикли пред да удри во столб за струја“, рече тој.
Девет лица загинаа на местото на несреќата, а уште две починаа подоцна во болница, меѓу кои и наставникот и возачот на автобус, потврди Абаст. Уште 53 лица се хоспитализирани со повреди, меѓу кои и некои во критична состојба.
„Се уште ги истражуваме причините за несреќата, но прелиминарната истрага покажа дека сопирачките на автобусот биле неисправни“, рече Абаст.
Тешките сообраќајни несреќи не се невообичаени во Индонезија, пред се поради лошите безбедносни стандарди и патната инфраструктура.
Свет
Шолц го предупреди Израел да не дејствува во Рафа
Германскиот канцелар Олаф Шолц го предупреди Израел да не ја шири својата воена операција во Појасот Газа со офанзива против градот Рафа на југот на земјата, јави ДПА.
-Веруваме дека офанзивата против Рафа би била неодговорна, рече Шолц вчера, говорејќи на настан на веб-пренос на групата весници RND во Потсдам.
-Предупредуваме на ова и не веруваме дека постои некаков план што на крајот ќе дозволи ова да се случи без огромни жртви од страна на цивилното население, рече канцеларот.
Шолц нагласи и дека Израел има право да се брани и да се бори против палестинската исламистичка група Хамас.
Сепак, тој додаде дека хуманитарната помош треба да стигне и во Газа и да има перспектива за мирен соживот, заснован на решение со две држави.