Свет
„Гардијан“: Израелската армија употреби бомба од 230 килограми во напад врз кафуле во Газа
Израелската армија употреби бомба тешка 230 килограми во напад врз кафуле во Газа а експертите изјавија дека употребата на таква муниција може да претставува воено злосторство, објави денес „Гардијан“.
Експертите за меѓународно право изјавија дека употребата на неселективно оружје кое генерира масивен експлозивен бран и расфрла шрапнели на широка површина може да претставува воено злосторство поради присуството на голем број незаштитени цивили, вклучувајќи деца, жени и постари лица.
Делови од оружје од урнатините на кафулето „Ал-Бака“, фотографирани од „Гардијан“, се идентификувани од експерти за оружје како делови од бомба за општа намена МК-82 од 230 килограми.
Големиот кратер оставен од експлозијата дава дополнителни докази за употребата на голема и моќна бомба како што е МК-82, изјавија двајца експерти за оружје.
Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) изјави дека нападот врз кафулето се истражува и дека „пред нападот се преземени чекори за намалување на ризикот од повредување на цивили преку употреба на воздушен надзор“.
Медицински и други претставници изјавија дека во нападот врз кафулето се убиени помеѓу 24 и 36 Палестинци, а десетици се повредени, јавува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.
Свет
Зеленски бара уште една средба со европските сојузници
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека поддржува да се одржи нова средба со европските сојузници по состанокот на украинската делегација и американските претставници во Мајами, Флорида.
Постои општо чувство дека по работата на нашиот дипломатски тим во САД, сега треба да одржиме консултации со европските партнери во поширок формат, објави Зеленски на платформата Икс, по телефонскиот разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Зеленски разговорите во Мајами ги опиша како конструктивни и оти е забележан брз напредок.
Тој обвини дека Русија не сака да ја заврши војната и за една недела руските сили употребиле речиси 1.300 борбени дронови, околу 1.200 бомби и девет крстосувачки и други ракети врз Украина.

