Свет
Генералното собрание на ОН ги осуди санкциите на САД кон Куба

Генералното собрание на ОН денеска со огромно мнозинство гласови ја усвои резолуцијата со која се осудува американското економско ембарго наметнато за Куба.
Собранието претходно ги отфрли американските амандмани кои ја осудуваат ситуацијата со човековите права во Куба, објави АП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп ги паузираше царините за Канада

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги ослободи стоките од Канада и Мексико на еден месец од царините од 25 отсто што ги воведе претходно оваа недела.
Ослободувањето, кое истекува на 2 април, ги вклучува двата најголеми трговски партнери на САД и се однесува на стоки опфатени со одредбите на Северноамериканскиот трговски договор.
Трамп претходно спомена продолжување на рокот само за Мексико, но изменетата наредба за царини ја вклучува и Канада.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум му се заблагодари на Трамп за „одличниот разговор“ полн со почит, ветувајќи му дека нејзината влада ќе работи на безбедноста и миграцијата откако Вашингтон привремено ги ублажи царините.
Трамп често ja фалe[e Шејнбаум, но остро го критикуваше канадскиот премиер Џастин Трудо. И во денешна објава на социјалната мрежа Truth Social, тој го обвини Трудо дека се обидува политички да ја искористи вознемиреноста што Канаѓаните ја чувствуваат за царините.
„Верувале или не, и покрај ужасната работа што ја заврши за Канада, мислам дека Џастин Трудо го користи проблемот со царините, што во голема мера го предизвика, за повторно да се кандидира за премиер. Многу забавно за гледање“, напиша Трамп.
Трудо, исто така, јавно го критикуваше Трамп. На денешната прес-конференција тој дури рече дека очекува Канада и САД во догледна иднина да бидат во трговска војна.
Акциите нагло паднаа откако Трамп првично не ги паузираше царините за Канада.
Свет
Американски медиуми: Договорена американско-украинската средба, ќе се одржи во Ријад

Високи претставници на администрацијата на Трамп следната недела ќе отпатуваат во Саудиска Арабија за да се сретнат со украинските претставници, објавија „Фокс њуз“ и „Аксиос“.
Средбата ќе се одржи во среда, објави „Аксиос“, повикувајќи се на два неименувани извори.
„Американскиот државен секретар Марко Рубио и другите ќе одат во Ријад во вторник, а Андриј Јермак, главен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, ќе учествува на состанокот од украинска страна“, вели новинар на „Фокс њуз“.
Потсетува дека на 18 февруари во Ријад се одржа американско-руска средба.
Соединетите Американски Држави ги претставуваа државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Валц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф. Руската делегација ја предводеа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика на претседателот Јуриј Ушаков.
Свет
Ватикан: Папата Франциско во стабилна состојба

Папата Франциско кој речиси три недели се бореше со пневмонија во болница, денеска беше во стабилна здравствена состојба и немаше нови епизоди на респираторна криза, соопшти Ватикан.
Во знак на напредок во лекувањето на 88-годишниот поглавар на Католичката црква, лекарите на папата најавија дека нема да издаваат нови медицински изјави до сабота, „со оглед на стабилноста на клиничката слика“.
Папата Франциско беше примен во римската болница на 14 февруари поради тешка респираторна инфекција која бараше континуирано прилагодување на терапијата.
Во последниот детален извештај за неговата состојба, Ватикан објави дека папата нема температура и дека неговите тестови на крвта се стабилни. Иако престанаа секојдневните најави за неговата здравствена состојба, сепак лекарите оценуваат дека папата не е надвор од животна опасност.
Поради респираторни проблеми во понеделникот, папата мораше да користи неинвазивна механичка вентилација преку маска што го внесува воздухот во белите дробови. Моментално му е потребна вентилација само навечер, додека преку ден кислородот го прима преку мала цевка под носот, според написите во светските медиуми.
Папата не се појави во јавноста откако беше примен во болница, што е негово најдолго отсуство од почетокот на неговиот понтификат пред 12 години. Лекарите не најавија колку долго би можело да трае третманот.
Папата Франциско и покрај неговата болест е познат по тоа што неуморно работи, па затоа во четврток одобри назначување на двајца бискупи од болницата.
Тој во последните две години имаше неколку сериозни здравствени проблеми и е склон на белодробни инфекции бидејќи во младоста ја победил пневмонијата и изгубил дел од едното белодробно крило.