Свет
Германија го повикува Израел да ги заштити Палестинците

Германската влада го повика Израел да ги заштити Палестинците од екстремистичките доселеници и ги бара одговорните по насилството на Западниот Брег. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Себастијан Фишер, рече дека јасно го осудува насилството што предизвика смрт на неколку цивили.
„Како и со окупаторската моќ на Западниот Брег, Израел треба да го обезбеди интегритетот на палестинското население“, рече Фишер додавајќи дека на палестинските семејства треба да им се гарантира дека ќе може да останат таму каде што живееле со децении и да не ги остават домовите од страв за своите животи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Турскиот парламент ќе разгледува закон за построги казни за малолетници кои извршуваат тешки кривични дела

Турскиот парламент во наредните денови ќе започне разгледување на предлог-закон кој предлага построги казни за малолетници кои извршуваат тешки кривични дела, објавија локалните медиуми.
Промените се разгледуваат од страна на парламентарната комисија за правда, која е составена од претставници на владејачката Партија на правдата и развојот, како и правни експерти.
Според предложените измени во кривичниот закон, горната граница за должината на казната за лица постари од 15 години и помлади од 18 години ќе се помести на 27 години затвор.
Доколку сторителот на тешко кривично дело бил малолетник во времето на извршувањето и постар од 15 години, може да биде осуден на затворска казна од 18 до 27 години.
Според законот, малолетниците на возраст меѓу 15 и 18 години кои ќе извршат убиство со умисла нема да добијат намалена казна ако се утврди дека убиството е извршено на суров и однапред смислен начин или ако претходно биле осудени за други кривични дела.
Свет
Кина ѝ испраќа разузнавачки податоци на Русија за попрецизни напади врз Украина, вели украински разузнавач

Кина испраќа разузнавачки податоци до Русија за Москва да може да врши попрецизни ракетни напади врз цели во Украина, изјави Олех Александров, функционер на Службата за надворешно разузнавање на Украина, за новинската агенција „Укринформ“.
– Постојат докази за соработка меѓу Русија и Кина на високо ниво во спроведувањето сателитско набљудување на украинската територија со цел идентификување и понатамошно истражување на стратешки цели за гаѓање – изјави Александров.
Зеленски во април изјави дека Кина ја снабдува Русија со оружје и барут. Тој исто така изјави дека неговата влада има разузнавачки информации дека Кина произведува оружје на руска територија.
Свет
Групата Г7+ одржа итен состанок за помош на Украина по новите руски напади на енергетската инфраструктура

Групата Г7+, која беше формирана за координација и мобилизирање помош за Украина, одржа итен состанок по иницијатива на Министерството за енергетика на Украина. Причина за состанокот беа најновите масовни напади на Русија врз украинската енергетска инфраструктура, што дополнително ги влоши условите во земјата.
На состанокот присуствуваа повеќе од 100 претставници од земји и меѓународни организации, вклучувајќи ги САД, Канада, Германија, Франција, Холандија, Европската комисија, УНДП, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и Секретаријатот на Енергетската заедница, соопшти Министерството за енергетика на Украина, пренесува Перши канал на украинскиот јавен сервис.
Украинската страна ги информираше меѓународните партнери за последиците од најновите руски напади, кои целеле на критична инфраструктура, вклучувајќи објекти во нафтениот и гасниот сектор. Заменик-министерот за енергетика, Роман Андарак, истакна дека со интензивирањето на руските напади, потребата од мобилизирање меѓународна поддршка е уште поголема.
„Мора да продолжиме да користиме ефикасни механизми кои веќе се покажаа како успешни за брзо обезбедување помош“, изјави Андарак.
Во текот на состанокот, беше нагласено дека приоритетните потреби на Украина вклучуваат брзо обновување на оштетената инфраструктура, како и обезбедување на дополнителни количини гас, енергетска опрема за поправки и реконструкција, и унапредување на физичките и воздушните одбранбени системи на земјата.
Претставниците на Г7+ ја потврдија својата поддршка за Украина и се согласија да одржат дополнителен состанок во блиска иднина за понатамошна координација на заедничките активности.
Групата Г7+ за енергетика во Украина беше формирана во ноември 2022 година со цел координирање на меѓународната помош во обновата и заштитата на украинската енергетска инфраструктура. Нејзиниот состав вклучува земјите-членки на Г7, Европската унија, како и други меѓународни организации како Светската банка, ЕБОР и УНДП.