Свет
Германија го укинува забрзаното доделување државјанства, го ограничува и бројот на работници од Западен Балкан
Денес формираната владејачк црно-црвена коалиција на конзервативните демохристијани и социјалдемократите на Германија се согласила во коалицискиот договор да го откаже забрзаното доделување државјанства на имигрантите, кои добро се интегрирале во германското општество.
Владата во заминување на социјалдемократската СПД, Зелените и либералната ФДП усвоија закон кој им дозволува на добро интегрираните имигранти во Германија да добијат државјанство по само три години.
Сепак, во коалицискиот договор што денеска го претставија Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска баварска Христијанско-социјална унија (ЦСУ), останува претходната одлука за скратување на периодот за стекнување државјанство од осум на пет години, а остнува и одлуката на Владата за признавање на двојното државјанство.
Можноста за двојно државјанство во Германија не постоеше до доаѓањето на власт на СПД, Зелените и ФДП под канцеларот Олаф Шолц.
Коалицискиот договор на идната владејачка коалиција предвидува, меѓутоа, ограничување на можноста мигрантите да се обединат со своите семејства доколку уживаат супсидијарна заштита во Германија, па затоа не се баратели на азил, пишува агенцијата ДПА.
Таквата можност за доведување семејства ќе има под мандатот на новата влада само во „исклучително важни случаи“.
Бројот на работници кои доаѓаат во Германија преку таканаречената регулатива за Западен Балкан треба да биде построго ограничен според новиот договор, пишува „Ноз.де“. Коалиционите партнери се согласни да го намалат максималниот број дозволи за влез преку оваа програма на 25.000 луѓе годишно.
Секој од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија или Србија кој сака да дојде во Германија преку регулативата за Западен Балкан, мора однапред да достави договор за вработување, се додава.

Досега имаше и квота од 1.000 дозволи месечно за влез во Германија на најблиските роднини на лица со некаква меѓународна заштита. Супсидијарната заштита не е исто што и бегалскиот статус или азил, но дозволува престој во Германија на лица за кои враќањето во нивната матична земја може да биде опасно или на кои им се заканува неправда или тортура.
Австрија кон средината на март годинава донесе одлука да им го одземе правото на азилантите на обединување на семејството, иако е спорно колку тоа е во согласност со правото на Европската унија, конвенциите за човекови права и покрај критиките од експертите и невладините организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Возач на автобус избоден, полицијата го бара сторителот: тежок напад во Љубљана
Во центарот на Љубљана, се случи напад во кој возач на градски автобус е тешко повреден со остар предмет. Напаѓачот избегал од местото на настанот пеш, а полицијата интензивно го бара, пишува 24ur.com.
Нападнатиот возач е итно пренесен во Клиничкиот центар во Љубљана. Според неофицијални информации, како што пишуваат локални медиуми, тој се здобил со тешки повреди, наводно во главата, но неговиот живот не е во опасност.
Љубљанската полиција започна обемна потрага по сторителот. Како што потврди Полициската управа во Љубљана, сите расположиви полицајци и криминалистички истражители се на местото на настанот, а над поширокото градско подрачје лета и хеликоптер.
Полицијата објави и опис на осомничениот. Станува збор за маж на возраст меѓу 35 и 50 години, висок од 180 до 190 сантиметри, со светла коса и светла брада. Во моментот на нападот, носел црвена јакна, но полицијата предупредува дека постои можност во меѓувреме да се пресоблекол.
Бидејќи станува збор за опасна личност, полицијата издаде важно предупредување до граѓаните да не ѝ му приближуваат доколку го видат, туку веднаш да ја повикаат полицијата.
Фото: принтскрин
Свет
Епидемија на колера во Африка: околу 300.000 луѓе се заразени, повеќе од 7.000 загинати
Африка се соочува со најлошата епидемија на колера во последните 25 години, соопштија во четвртокот Африканските центри за контрола и превенција на болести (CDC), наведувајќи ги лошите системи за водоснабдување и конфликтите како главни причини за проблемот.
Африканскиот CDC објави дека регистрирал речиси 300.000 потврдени и сомнителни случаи на колера и повеќе од 7.000 смртни случаи. Бројките покажуваат дека бројот на случаи на колера во Африка се зголемил за повеќе од 30 проценти минатата година.
Ангола и Бурунди се соочија со пораст на случаи на колера во последните недели поради недоволен пристап до вода за пиење, според Африканскиот CDC.
Ситуацијата се подобри во Конго, Јужен Судан и Сомалија. Перспективите за областите погодени од конфликтот остануваат загрижувачки, со брзо ширење на болеста во преполните кампови и лоши санитарни услови.
Фото: принтскрин
Свет
Две деца на возраст од три и шест години починале поради труење со храна во Истанбул
Две деца кои биле на одмор во Истанбул заедно со своите родители починале од труење со храна. Родителите на децата се на интензивна нега во болницата.
И покрај сите напори, децата на возраст од шест и три години не можеле да се спасат. Родителите се уште се на интензивна нега – изјавил покраинскиот директор на истанбулската филијала на турското Министерство за здравство, пренесуваат медиумите во регионот.
Доктор Абдула Емре Ѓунер изјавил дека е започната истрага од страна на здравствената управа.
Според приватната телевизија НТВ, која се повикува на полициската истрага, семејството е по потекло од Германија и било на одмор во Турција.
Локалните медиуми јавуваат дека труењето со храна најверојатно дошло од школки купени од уличен продавач и полнети компири – популарна улична храна – кои ги јаделе во вторникот во туристичката област Ортакој, на европската страна од Босфорот.
Овој дел од Истанбул, според медиумите е многу популарен и познат по својата таканаречена улична храна.
Фото: принтскрин

