Свет
Германија и Франција ќе ги зајакнат безбедносните капацитети на ЕУ
Лидерите на Германија и Франција најавија дека планираат да ги зајакнат безбедносните капацитети на Европската Унија со цел полесно да се справат со предизвиците од бегалските кризи, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел говореа на средба во Берлин, која се одржа во замокот Мезеберг, каде што ги дискутираа новите иницијативи за реформа и зајакнување на Унијата.
„Сакаме Европа да си го најде местото во мултилатералниот свет, сакаме Европа да влезе во својата улога и да ги брани своите вредности, да се бори за напредок, за мир во светот и зачувување на животната средина“, изјави Меркел.
Канцеларката силно ја поддржа иницијативата на Макрон за „Европска интервенција“, која има цел да развие јасни структури за извршување воени операции. Меркел исто така потенцира дека оваа иницијатива ќе биде поврзана со актуелната иницијатива за одбрана на ЕУ – ПЕСКО.
Меркел посочи дека се потребни нови формати, кои ќе личат на ЕУ-совет за безбедност и додаде дека понатамошните одлуки за надворешна политика и безбедност треба да се гласаат со мнозинство гласови со цел да се забрзаат процесот и ефективноста на одлуките што ги донесува ЕУ.
„Сакаме да сме сигурни дека нема секогаш да чекаме на апсолутен консензус,“ изјави таа додавајќи дека овие промени се нужност за подобро да се одговори на промените што настануваат во светот.
Меркел ја опиша мигрантската криза како еден од најтешките предизвици со кои ЕУ се соочува, но дека Германија и Франција ќе продожат да вложуваат напори да создадат една сплотена Европска Унија за да се справат со ова прашање.
„Ги поддржуваме плановите на Европската комисија за зајакнување на безбедноста на надворешните граници на ЕУ,“ изјави таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

