Свет
Германија реагира: Санкциите за „Северен тек 2“ се навреда за европскиот суверенитет
Берлин ја потврди својата поддршка за рускиот гасовод и покрај заканата од нови санкции на САД против европските фирми вклучени во проектот, пренесува „Спутник“.
„’Северен тек 2′ ќе биде завршен“, соопшти германското МНР.
„За европската енергетска политика се решава во Европа, а не во САД. Ние отфрламе какви било интервенции и екстратериторијални санкции“, рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.
Во меѓувреме, Германскиот економски комитет ги осуди санкциите против „Северен тек 2“ и ги нарече навреда за европскиот суверенитет и неприфатливо мешање.
Изјавата доаѓа во услови на најавени санкции од САД против проектот, кои неодамна беа додадени во Законот за овластување за националната одбрана на САД 2020 година. Т.н. закон за заштита на енергетската безбедност на Европа предвидува казнени мерки, односно санкции против компаниите што оперираат со високоспецијализираните бродови со кои се поставуваат цевките за гасоводот под Балтичкото Море.
Меѓу европските компании вклучени во проектот се германските енергетски фирми „Винтершал“ и „Унипер“, француска мултинационална „Енџи“, британско-холандскиот нафтен гигант „Ројал Дач шел“ и австриска енергетска компанија ОМВ.
Германското Министерство за трговија, пак, изрази жалење поради одлуката на американскиот законодавен дом да ги санкционира компаниите поврзани со изградбата на гасоводот. Портпаролката на министерот за економија, Петер Алтмајер, денеска истакна:
„Нашиот став кон екстратериторијалните санкции е јасен: ние ги отфрламе“.
Официјална Москва реагира веднаш со оценка дека станува збор за уште еден обид да се загрози спроведувањето чисто комерцијален проект. Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, коментирајќи го законот, рече дека обидите на САД да го загрозат овој проект е пример за нефер конкуренција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Aмерика го напушти Парискиот договор за климатски промени
САД по втор пат официјално се повлекоа од Парискиот договор за климатски промени, по одлука на претседателот Доналд Трамп, кој ја потпиша извршната уредба на денот на инаугурацијата, 20 јануари 2025 година. Повлекувањето стапува во сила денес, една година откако Обединетите нации ја примиле официјалната нотификација.
Со ова, САД повеќе не се сметаат за обврзник во напорите за ограничување на глобалното затоплување, а се создава и значителна финансиска празнина, бидејќи земјата досега финансирала програми за ублажување и адаптација на климатските промени, особено во посиромашните држави.
САД се втор најголем емитер на стакленички гасови во светот, по Кина. Според проценките на ОН, врз основа на сегашните политики, светот се движи кон пораст на глобалната температура од 2,8 степени до крајот на векот. Повлекувањето на САД може да придонесе за дополнително зголемување од 0,1 степен, што, според научниците, значително ги влошува климатските последици.
Свет
Франција му возврати на Руте: Европа може и мора сама да се брани
Француската влада остро реагираше на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Европа не може да се одбрани без Соединетите Американски Држави.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро порача дека Европејците „можат и мораат“ да преземат одговорност за сопствената безбедност, нагласувајќи дека и САД се согласуваат со потребата од европски столб во НАТО, објави Политико.
Руте, обраќајќи се во Европскиот парламент, изјави дека континентот не може да се одбрани без американска поддршка и се спротивстави на идејата за европска војска, оценувајќи дека „европскиот столб на НАТО е донекаде празна фраза“.
Во меѓувреме, по враќањето на Доналд Трамп на власт, американската администрација сигнализира помала вклученост во европската безбедност. Новата Национална одбранбена стратегија на САД наведува дека Европејците треба да преземат водечка улога, оценувајќи дека Европа е економски и воено способна да се брани од Русија.
На изјавите на Руте реагираа и други француски претставници. Поранешната амбасадорка на Франција при НАТО, Муриел Доменак, оцени дека истакнувањето на европската слабост испраќа погрешна порака до Русија. Француската министерка за вооружени сили, Катрин Вотран, истакна дека денес е неопходен европски столб во рамки на НАТО, идеја што веќе ја поддржуваат и други земји, меѓу кои и Германија.
Свет
Без лифтови, без греење: како се преживува зимата во Украина на минус 20
Поради немилосрдните напади на Москва врз украинската инфраструктура, жителите се принудени да носат повеќе слоеви облека и да палат плински шпорети за да се загреат и да преживеат, додека температурите паѓаат и до минус 20 степени Целзиусови. Со тоа, Русија ја донесе војната директно во домовите на луѓето, пренесе Скај Њуз.
По ледено скалиште одекнуваат длабоки, бавни воздишки придружени со звукот на чекори. Така дише 70-годишната Татјана, која научила да го контролира дишењето за да го намали оптоварувањето на срцето додека полека се искачува на деветтиот кат од својот станбен блок во Киев. Поради прекините на струја, лифтовите најчесто не работат, а последните две недели таа е без греење. Се загрева исклучиво со плински шпорет во кујната.
„Опасно е, но што да правам? Да се замрзнам?“, вели таа.
Татјана е една од милионите луѓе низ Украина кои оваа зима трпат прекини во снабдувањето со енергија. Честите руски воздушни напади врз енергетскиот систем го прекинаа греењето, струјата и водата во различни делови од земјата, понекогаш и со денови.
Новинарите на Скај Њуз ја посетија зградата на Татјана за да видат како таа и другите станари се справуваат со состојбата, која украинските власти ја прогласија за вонредна состојба во енергетскиот сектор.
„Студено е. Студено. Многу е студено“, вели Татјана, завиткана во долг кожен капут од овча кожа. „Одам и се тресам. Особено наутро. Се будам и ми е страшно.“
Животот во Украина и онака е тежок поради заканата од руски ракетни и беспилотни напади кои погодуваат и станбени области. Греењето во оваа зграда од 17 ката е исклучено на 9 јануари, по напад врз блискиот блок. Немало ни струја, иако снабдувањето почнало постепено да се нормализира. Имало проблеми и со водата, а некои од 380 станови сè уште немаат исправни чешми, јавува „Индекс“.
На скалите новинарите сретнале и бремена мајка со двегодишен син, во, како што изгледа, бескрајно искачување до 16-тиот кат.
„Ајде, одиме, се качуваме“, му зборувала 29-годишната Дарија на малиот Миша. „Уште малку.“
Со светилка од мобилниот телефон го осветлувала темниот ходник до нивниот стан, каде температурата по ракетниот напад паднала на само 3 степени Целзиусови.
„Кога ќе влезете, здивот буквално ви замрзнува пред устата. Со мало дете тоа е едноставно невозможно“, вели Дарија. Таа и синот привремено се преселиле кај роднини, но се враќаат на секои неколку дена за да го проверат својот стан, како и становите на соседите.
„Вчера дојдовме и останавме само два-три часа, а толку се смрзнав што почна да ме боли грлото“, раскажува таа.
Сите се борат, но не сами. Најтешко им е на најмладите и на најстарите, па станарите меѓусебно си испраќаат пораки за да дознаат кому што му е потребно и кој може да помогне. Оние што се подвижни носат храна, вода и лекови на оние што не можат да ги совладаат замрзнатите скали, особено на жителите на повисоките катови.
Јева, 23-годишна девојка облечена во розов капут, сè уште живее во својот стан со момчето и кучето. Таа помага да се носат потребштини на соседите кои се заробени во своите домови.
„Се обидуваме да бидеме силни, се обидуваме да се насмевнуваме“, вели таа. „Најдобриот лек ни е хуморот. Постојано се шегуваме едни со други. Тоа ни го крева духот, расположението и силата и ни помага да продолжиме.“
Таа покажува место на седмиот кат каде пукната цевка го поплавила скалиштето, оставајќи опасна ледена површина. Застанувајќи на скалите, се насмевнува и покажува кон своите нозе. На прашањето колку пара чорапи носи, одговара:
„Еден, два, три. И чизми. А дома преку тоа облекувам уште два пара. Страшно е студено.“
Сите што ги сретнале биле облечени во повеќе слоеви облека.
„Задолжително правило е панталоните да се вовлечени во чорапите и да се носат топли џемпери“, вели Јева.
Клучен е и заедничкиот напор да се поправи греењето. Всеволод (34) живее на вториот кат со сопругата и мало дете, иако сите привремено се иселиле. Тој, сепак, се враќа за да помогне.
Раскажува како со група соседи користеле плински горилници за да ги одмрзнат цевките – крвотокот на зградата.
„Итната служба се обиде да го реши тоа“, вели тој, додека здивот му замрзнува додека зборува. „Ги загреаја цевките на вториот кат, се искачија на третиот, и додека таму ги загреваа, сè подолу повторно се замрзна. Беше целосно бесмислено. Но кога многу луѓе работат истовремено и ги загреваат сите цевки, тогаш има резултат.“
И покрај тоа, греењето сè уште е исклучено, а ледената студеност тешко ја поднесуваат и најсилните.
„Мислам дека најтешка е исцрпеноста“, вели Јева. „Секој ден мораш да се бориш, мораш да преживееш. Всушност и не живееш. Деновите едноставно се слеваат еден во друг. Повеќе нема понеделник, вторник или среда. Постој само еден непрекинат ден на преживување.“

