Европа
Германската министерка за одбрана побара ослободување на украинските морнари

Германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, побара од Русија да ги ослободи украинските морнарите заробени кога беа запленети трите украински бродови во теснецот Керч.
Министерката, исто така, побара деескалација на ситуацијата и им нареди на двете страни да работат на тоа, објави „Ројтерс“.
Покрај министерката за одбрана, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, исто така, зборуваше за инцидентот во Керч, кој побара од Москва да се придржува кон меѓународното право и да го почитува суверенитетот на соседните земји.
Еден од членовите на Христијанско-демократската унија на Германија и член на Комитетот за надворешни работи на германскиот парламент, Норберт Ретген, рече дека Европа можеби ќе мора да наметне посилни санкции за Русија по инцидентот во теснецот Керч.
„Од моја гледна точка, таквото однесување не може да остане незабележано и јас не мислам дека некој треба да каже дека нема да има понатамошни санкции”, рече Ретген, објави „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија се заканува: наскоро ќе го освои светот со своите сателити слични на „Старлинк“

Руски сателитски систем ќе нуди широкопојасен пристап до интернет во сите делови од светот.
Русија наскоро ќе има свој сателитски систем сличен на американскиот „Старлинк“, изјави генералниот директор на Роскосмос, Дмитриј Баканов.
За време на гостувањето во емисијата „Соловиев во живо“, Баканов објави дека наскоро ќе бидат достапни руски терминали, кои ќе обезбедат слична услуга како „Старлинк“ – широкопојасен пристап до интернет во сите делови од светот, објави ТАСС.
Системот „Старлинк“, во сопственост на милијардерот Илон Маск и неговата компанија „Спејс Икс“, обезбедува глобален пристап до интернет.
Украинските војници, рече тој, активно го користат системот во борбени зони, а терминалите им ги обезбедиле нивните „западни сојузници“.
Вицепремиерот на Украина, Михаил Федоров, изјави дека украинските вооружени сили користат повеќе од 50.000 терминали на „Старлинк“, а руските сили повеќе пати идентификувале и напаѓале станици на „Старлинк“ во Источниот воен округ, објави ТАСС.
Европа
(Видео) Разбиена мрежа за шверц во Шпанија: кокаин скриен во лажни банани

Серија полициски операции во Шпанија доведоа до разбивањеголема криминална мрежа вклучена во шверц на кокаин од Јужна Америка во Европската Унија. Со поддршка на Европол шпанската „Гвардија цивил“ уапси 40 лица и заплени повеќе од два тона кокаин. Истрагите открија дека мрежата користела нови шверцерски патишта и иновативни методи за криење на дрогата, соопшти Европол.
Истрагата беше почната на почетокот на 2023 година кога „Гвардија цивил“ откри криминална група на Канарските Острови, која шверцувала кокаин. Осомничените ја добивале дрогата од шпанското копно скриена во тајни прегради на возила на патнички фериботи.
Понатамошната истрага откри дека ова е само една гранка на многу поголема криминална организација. Мрежата имала сложена структура, со разни ќелии одговорни за поединечни аспекти на бизнисот со дрога.
Едната ќелија, составена од албански државјани, била одговорна за извлекување кокаин од бродските контејнери што пристигнувале во шпанските пристаништа. Другата ќелија, составена од шпански и марокански државјани, ја транспортирала дрогата на разни локации во Шпанија, вклучувајќи ги и Канарските Острови.
Криминалната мрежа била исклучително иновативна во своите методи. Во еден случај шверцерите се обиделе да прошверцуваат кокаин скриен во лажни банани направени од смола, измешани со вистински банани во пратка од Еквадор. Во друг случај тие користеле софистициран систем од јажиња и куки за да прикачат вреќи со кокаин на труповите на бродовите, метод познат како паразитски шверц.
Истрагата исто така откри нов пат за шверц. Криминалците го користеле пристаништето Алхесирас во јужна Шпанија како влезна точка за пратки кокаин од Јужна Америка. Од таму дрогата била транспортирана до логистички центар во Гвадалахара пред да биде дистрибуирана во други делови од Шпанија и Европската Унија. Овој пат претставува отстапување од традиционалните влезни точки во северна Шпанија.
Успехот на оваа операција е резултат на одличната соработка помеѓу шпанската „Гвардија цивил“ и Европол. Европол ја олесни размената на информации, обезбеди аналитичка поддршка и испрати експерт во Шпанија за вкрстена проверка на оперативните информации со базите на податоци на Европол во реално време.
Операцијата зададе значаен удар на оваа криминална мрежа и обезбеди вредни разузнавачки информации за еволуирачките методи на шверцерите на кокаин. Полициските власти остануваат будни и продолжуваат да соработуваат во борбата против заканата од трговија со дрога во Европската Унија.
фото: принтскрин
Европа
Рекордна суша во Европа и во медитеранските земји во август

Европа и медитеранските земји беа погодени од рекордна суша во август, која зафати повеќе од половина од земјиштето, според анализата на АФП на податоците од Европската Унија.
Минатиот месец 53 проценти од регионот беа погодени од суша, рекорд од почетокот на мерењата во 2012 година, според програмата на ЕУ за климатски промени „Коперникус“.
Бројката е далеку над просекот за август во периодот од 2012 до 2024 година, кој изнесува 30,1 проценти.
Источна Европа и Балканот беа силно погодени. Илјадници жители беа евакуирани, а две лица загинаа поради шумски пожари во балканските земји поттикнати од високите температури.
Ситуацијата беше катастрофална и во Западна Европа, при што Португалија забележа намалување на дождовите во 70 проценти од земјата.
Франција, која во август беше погодена од вториот топлотен бран во летото, се соочи со недостиг на вода во две третини од земјата.
Особено тешка ситуација ги зафати неколку земји во Источен Медитеран, каде што над 90 проценти од Ерменија, Грузија и Либан беа погодени од суша.
Турција, која страдаше од недостиг на вода во 84 проценти од својата територија, се соочи и со многубројни пожари.
„Коперникус“, кој собира податоци од милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици, регистрира неуморно зголемување на температурите додека планетата се затоплува поради емисиите на стакленички гасови за кои е одговорно човештвото.
фото: принтскрин