Европа
Германската полиција растурила корона-забава во напуштен индустриски објект

Германската и француската полиција во текот на викендот уапсиле и казниле учесници во недозволени забави, поради кршење на епидемиолошките мерки за борба против пандемијата, дополнително поттикнати од убавото и потопло време.
Во Париз, околу сто луѓе учествувале во недозволена забава, а толку учесници биле затекнати и на друг настан во Орли, јужно од градот, соопшти денеска полицијата.
Според официјалното соопштение, француската полиција синоќа уапсила десет лица и издала најмалку 59 предупредувања со парични казни.
Со корона-забавите бил прекршен полицискиот час во Франција, кој е на сила од 18 часот, а само на оние кои одат на работа им е дозволено да излегуваат надвор.
Во Германија, пак, полицијата синоќа растурила забава по анонимен повик, на која биле пронајдени 33 лица.
Полицијата соопшти дека некое време ги следела активностите во напуштена индустриска зграда, а во саботата навечер следела помали групи на луѓе при влегувањето.
За време на интервенцијата, полицијата запленила мали количини на дрога и пари платени од учесниците за да влезат на забавата.
На кратко бил приведен диџејот поради поседување дрога, а напуштената индустриска зграда сега е запечатена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русите ја нападнаа Украина со повеќе од 200 дронови

Украинската војска објави дека соборила 107 од 208 беспилотни летала лансирани од Русија во текот на ноќта во нов масивен напад. Според војската, уште 97 беспилотни летала биле „изгубени“ поради електронско заглавување, што значи дека украинските сили можеле да ги пренасочат или оневозможат преку други методи.
Деновиве Русија значително го зголеми бројот на беспилотни летала што ги користи против Украина – Володимир Зеленски изјави дека непосредно пред третата годишнина од војната биле лансирани 267 дронови, додека во последните три дена Москва ја нападна Украина со вкупно 551 беспилотно летало.
Во меѓувреме, во рускиот напад со употреба на клизни бомби врз градот Костијантинивка загинаа најмалку пет лица, рече регионалниот гувернер.
Европа
Русите тврдат дека Украинците се обиделе да го убијат кримскиот митрополит во Москва

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека спречила обид на украинското воено разузнавање да го убие Тихон Шевкунов, кримскиот митрополит на Руската православна црква, во Москва. На ова тврдење немаше итна реакција од Киев, објави Ројтерс.
Шевкунов, кој со години во руските медиуми беше опишуван како „исповедник на Путин“ – тврдење што ниту го потврди ниту го демантираше – одржува јавно познанство со рускиот претседател Владимир Путин од крајот на 1990-тите, а Кремљ претходно изјави дека Шевкунов и Путин добро се познаваат.
Во 2023 година, тој беше назначен за митрополит на Крим, станувајќи еден од највисоките функционери на Руската православна црква на полуостровот што Русија го анектираше од Украина во 2014 година.
ФСБ во соопштението наведе дека уапсиле Русин и Украинец во врска со заговорот и дека е запленета импровизирана експлозивна направа. Дополнително наведуваат дека и двајцата осомничени го признале заговорот за атентатот.
Тие додадоа дека двајцата мажи, за кои тврдат дека биле регрутирани од Украина преку апликацијата Телеграм, го планирале обидот за атентат од средината на 2024 година и имале намера да го убијат Шевкунов во Москва.
Украина ја презеде одговорноста за серијата атентати во Русија од почетокот на војната во 2022 година, вклучувајќи го и оној на прорускиот украински блогер Владлен Татарски во април 2023 година и шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита, Игор Кирилов, во декември 2024 година.
Европа
Украина: Западните мировници би можеле да патролираат по воздушен и морски пат

Украина е во разговори со западните сојузници за да се осигура дека секој иден воен контингент кој ќе го надгледува потенцијалниот прекин на огнот, исто така, има улога во патролирањето на воздушниот и поморскиот простор, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георги Тихи.
„Ако нашите партнери и сојузници се подготвени да разговараат за можното распоредување на овие контингенти за да се обезбеди мир и безбедност во Украина… тогаш мислиме дека е сосема можно да се разговара за безбедноста на небото“, рече Тихи.
Дискусијата доаѓа во време кога се споменува концептот на мултинационални мировни сили како потенцијална безбедносна гаранција за Украина во случај на прекин на огнот.
Според Киев Индипендент, Тихи ја истакнал важноста од зајакнување на безбедноста во Црното Море, со оглед на континуираните руски закани за слободата на пловидба. „Веќе разговараме за ова во преговорите со нив (западните партнери – уред.) и веруваме дека ова е сериозна тема за која треба да се разговара“, рече тој, додавајќи дека ова прашање може дополнително да се разговара на самитот на ЕУ на 6 март.
Вашингтон ја поддржа идејата за европски мировни сили, а американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на 12 февруари рече дека таквата мисија нема да вклучува американски војници.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 26 февруари повтори дека Европа треба да преземе примарна одговорност за регионалната безбедност. Франција, Обединетото Кралство и неколку други земји сигнализираа поддршка за распоредување мировници, иако европските нации сè уште не постигнале консензус.
„Вашингтон пост“ на 17 февруари објави дека до 30.000 европски војници може да бидат испратени во Украина како дел од мисијата за следење на прекинот на огнот.